Потпишани договори за 40 ЕУ проекти, за прекугранична соработка со Република Грција, во вредност од 5 милиони

Потпишани договори за 40 ЕУ проекти, за прекугранична соработка со Република Грција, во вредност од 5 милиони

Денеска во Владата на Република Македонија, Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, и подносителите на проекти потпишаа договори за кофинансирање на проектите од првиот јавен повик во рамки на Програмата за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Република Грција.

Меѓу носителите на проектите се и јавни здравствени установи, Царинската управа, Центарот за управување со кризи, општини, Центарот за развој на југоисточниот плански регион, граѓански организации. Индиректни корисници се граѓаните од четири плански региони во Република Македонија и од пет региони од Грција.

Во своето обраќање, министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу рече дека до 2020 година, за проекти за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Република Грција, од страна на Европската Унија се обезбедени вкупно 45,5 милиони евра, од кои 50 насто за проекти кои што ќе бидат имплементирани во Република Македонија.

Средствата за национално кофинансирање ги обезбедува Министерството за локална самоуправа од буџетот на државата.

„Во овој повик имаме на располагање 15 милиoни евра од Европската Унија и 2,4 милиони евра, обезбедени од буџетот на државата, преку Министерството за локална самоуправа, за национално кофинансирање. На овој начин државата им помага и ги охрабрува  потенцијалните апликанти: општини, граѓански организации, училишта, детски градинки, универзитети, болници, асоцијации и други непрофитни субјекти, да подготват проекти, да влезат во конкуренција и да обезбедат средства од Европската Унија. Сите апликанти што обезбедија средства за финансирање на проектите, си помагаат на себе и на локалната заедница. Во исто време се реализираат приоритетни прашања, без да се трошат средства од општинските буџети“, изјави министерот Фазлиу.

Министерот за здравство Венко Филипче ја истакна поддршката која преку овие проекти Европската Унија ја дава на институциите и на граѓаните на Република Македонија.

„Конкретно станува збор за опремување со апарати и за подигнување на јавната свест за превенција од малигни заболувања, согласно европски стандарди. Ќе се обезбедат подобри услови за скрининг на дојка во општата болница во Битола, што значи навремено дијагностицирање и лекување, а исто така ќе бидат мапирани сите даватели на услуги од двете страни на границата“, рече министерот за здравство Венко Филипче.

Градоначалникот на Гевгелија, Сашо Поцков, изјави дека Општина Гевгелија досега има реализирано 10 проекти од Програмата за прекугранична соработка со Грција, во вкупна вредност од 2 милиони евра.

Со реализација на проектите,  Царинската управа ќе добие  нова опрема, со која ќе ја подобрува функционалноста и ефикасноста на граничните премини, а ќе се обезбеди  енергетска ефикасност во училиштето во Валандово, во детската градинка во Радовиш.

Во општина Ново Село ќе се подобри здравствената грижа и социјалните услуги за возрасните лица, исто така ќе се работи на креирање на нови работни места преку развивање на винскиот туризам, техничка поддршка и управување со хуманитарни кризи и природни катастрофи во прекуграничниот регион, а исто така ќе се подобри и заедничка грижа за животната средина.

Прочитајте повеќе

Продолжува судењето за двојното убиство на Вања и Панче

Продолжува судењето за двојното убиство на Вања и Панче

Со сведочење на мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, во Основен кривичен суд Скопје продолжи судењето …