вело викенд струга охрид

Повторно се афирмира идејата за велосипедско поврзување на Охрид и Струга

Од Интернационалната полициска асоцијација упатуваат порака до двете општини, конечно и сериозно да се заложат, велосипедското поврзување пред се, на Охрид до Струга и кон туристичките населби Пештани и Радожда, да станат реалност

Иницијативата за велосипедско поврзување на Охрид и Струга со пренамена на постојниот стар пат Охрид-Струга за движење исклучиво на велосипеди повторно се реафирмира. Интернационалната полициска асоцијација (ИПА) Охрид, на 24 јуни 2023 година организира ИПА ВЕЛО ВИКЕНД „НА ТОЧАК, ОХРИД И СТРУГА ДА ВИДАМ“.

„Тоа е традиционалната, овој пат седма по ред, рекреативна велосипедска тура Охрид Струга-Радожда со која, постојано се реафирмира идејата од 2016 година на тогашниот Општински совет за безбедност во сообраќајот (ОСБСП) за велосипедско поврзување на двата крајезерски града-Охрид и Струга и понатаму кон туристичката населба Радожда како и вело конекција Охрид-Св.Стефан-Пештани, со современо уредена, функционална и безбедна велосипедска патека“, велат од Интернационалната полициска асоцијација.

Тие сметаат дека овие проектни иницијативи имаат непроценливо значење за развој на туризмот и велосипедизмот во двата македонски туристички бисери и огромен бенефит за охриѓани, стружани но и туристите од Македонија и светот.

„Со ова, упатуваме порака до двете општини, конечно и сериозно да се заложат, велосипедското поврзување пред се, на Охрид до Струга и кон туристичките населби Пештани и Радожда, да станат реалност. Централниот вело настан во рамките на ИПА ВЕЛО ВИКЕНД  „НА ТОЧАК, ОХРИД И СТРУГА ДА ВИДАМ“, ќе се одржи на 24.06.2023 година (сабота) во 08 часот, ќе се тргнува од градското пристаниште во Охрид и, со надеж за добро време, ќе се вози по крајбрежието на Охридското езеро, по стариот пат Охрид-Струга. Во 08.45 кај „ЕВРО ХОТЕЛ“, е предвидена средба на охридската со струшката вело група а потоа, заеднички ќе се вози низ живописните зелени предели кај Калишта, хотелите „Бисер“, „Изгрев“ и „Макпетрол“ до преубавата Радожда“, информираат од Интернационалната полициска асоцијација.

Тие додаваат дека во време кога други држави градат велосипедски автопати, редно е и во охридско-струшкиот регион на Македонија да има безбедни вело патеки, а не велосипедистите да возат покрај автомобили, автобуси и камиони и да се ставаат во сериозна и опасна ситуација како ранлива категорија учесници во сообраќајот.

„Не сакаме повеќе жртви-велосипедисти на небезбедните патишта во регионот, на кои нема ни трага ни глас од вело патеки означени со современа хоризонтална и вертикална сообраќајна велосипедска сигнализација. Токму затоа, ги повикуваме сите членови на ИПА Охрид и ИПА Македонија, членовите на ИПА националните секции од соседните земји, од збратимените ИПА градови, сите вело клубови од Охрид, Струга и Македонија, сите граѓани вљубеници во велосипедскиот туринг, да се придружат на претстојниот ИПА ВЕЛО ВИКЕНД „НА ТОЧАК, ОХРИД И СТРУГА ДА ВИДАМ“, стои во нивното соопштение.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Промоција на винил компилација „Поп култура“, во чест на Мирко Попов

Промоција на винил компилација „Поп култура“, во чест на Мирко Попов

Компилациската плоча содржи песни од млади современи македонски поп артисти и беше еден од последните …