Пожарите летово најголеми во изминатава деценија, проголтаа над 11.000 хектари шума [инфографик]

Пожарите летово најголеми во изминатава деценија, проголтаа над 11.000 хектари шума [инфографик]

Шумските пожари коишто изминатово лето ја зафатија Македонија се најголемите во изминатава деценија. За само четири месеци, во периодот од јуни до септември 2021 година, имало 142 шумски пожари во кои биле зафатени 11.420 хектари површина под шума, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Поради обемот на настанатата катастрофа, ДЗС заедно со ЈП Национални шуми изработија дополнително статистичко истражување за шумските пожари летово, во кое се наведува дека шумските пожари за само четири месеци предизвикале материјална штета што се проценува на над 37,6 милиони евра.

Погледнато низ годините наназад, пожарите најмногу површини под шума проголтале во 2012 година, кога изгореле дрвја и друга вегетација што опфаќала 19.312 хектари. Сепак, треба да се напомене дека статистичките податоци за пред 10 години се однесуваат за периодот од 12 месеци, додека за годинава ги опфаќаат единствено месеците јуни-септември.

Во шумските пожари изминатово лето била опожарена дрвна маса во шумите во износ од 482.106 метри кубни. Во катастрофата најмногу беа зафатени шумите од мешани насади, каде што изгореа 5.964 хектари. Од пламените јазици беа уништени дополнителни 3.448 хектари шума од листопадни видови, 1.158 хектари шума од иглолисни видови, како и 850 хектари приземна вегетација.

„Од вкупните штети од пожарите најмногу беа зафатени шумите од мешаните насади, кои учествуваа со 52,2 отсто, шумите од листопадни видови со 30,2 отсто, шумите од иглолисни видови со 10,1 отсто, додека приземната вегетација учествуваше со 7,4 отсто“, се наведува во соопштението на Државниот завод за статистика.

Она што дополнително треба да се пресмета се емисиите на стакленички гасови предизвикани од шумските пожари во текот на изминатово лето, коишто речиси со сигурност ќе го впишат секторот Шумарство во 2021 година како еден од најголемите предизвикувачи на климатските промени во земјава. Колку за споредба, во 2000 година, период кога исто така се забележани големи шумски пожари во земјава, биле испуштени во атмосферата над 10.441 гигаграми на јаглерод диоксид еквиваленти.

Инаку, секторот Шумарство е еден од најподложните сектори врз кои влијаат климатските промени. Покачувањето на просечните температури на воздухот штетно влијае врз развојот на самите дрвја, додека сушните периоди и силниот ветер се едни од главните причинители на шумските пожари, кои се особено актуелни во летниот период.

Наспроти ова, доколку ги штитиме шумите од пожари и од нивно уништување, тогаш токму засадените дрвја можат да придонесат за намалување на негативното влијание на климатските промени врз нашите животи, бидејќи тие ги апсорбираат испуштените стакленички гасови во атмосферата.

За да се надминат штетите предизвикани од шумските пожари, Владата на РСМ и ЈП Национални шуми есенва започнаа вонредна програма за санирање на штетите. Со неа веќе почна пошумување на дел од површините зафатени од пожарите, иако од ЈП Национални шуми објаснија дека за пошумување на целокупните изгорени површини ќе бидат потребни минимум две години.

Сепак, за зголемување на површините под хектари со нови дрвја потребни се финансиски средства, коишто ќе треба да ги издвои и самата држава од националниот буџет, но и локалните самоуправи, компаниите и граѓаните, доколку како општество сме заинтересирани да ги вратиме во живот уништените шуми.

Јавното претпријатие „Национални шуми“ догодина планира да пошуми површини на околу 500 хектари, при што планирано е да се засадат од 2.000 до 2.500 садници по хектар во земјава. Ова е во рамки на просекот за изминативе 10 години, а Мета.мк веќе пишуваше дека вклучувањето на општините ќе биде клучно за да се зголеми обемот на пошумени површини во наредниот период.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Летово ќе биде пеколно, климатските промени си го наплатуваат данокот

Летово ќе биде пеколно, климатските промени си го наплатуваат данокот

Едни од најчестите индикатори на климатските промени се надминувањата на екстремните температурни вредности, а УХМР …