Премиерот Заев и канцеларот Курц: Македонија и Австрија имаат традиционално добри односи

Премиерот Заев и канцеларот Курц: Македонија и Австрија имаат традиционално добри односи

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска го пречека сојузниот канцелар на Австрија Себастијан Курц, кој со владина делегација е во официјална посета на нашата земја.

По церемонијата со високи државнички и воени почести, премиерот Заев го запозна австрискиот канцелар Курц со членовите на делегацијата на Владата на Република Македонија, во чиј состав беа Заменик претседателката на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, Заменик министерот во Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи, министерот за надворешни работи Никола Димитров и државниот секретар на МНР, Виктор Димовски

Двајцата премиери потоа се задржаа на тет-а-тет средба, по што следуваше пленарна сесија на двете делегации.

На крајот од официјалната работна посета во Владата на Република Македонија, премиерот Зоран Заев и австрискиот федерален канцелар Себастијан Курц одржаа заедничка прес конференција на која информираа за средбата и за детали од разговорите.

Премиерот Заев на почетокот изрази благодарност во свое, во име на Владата на РМ и во име на граѓаните за сесрдната и силна поддршка Австрија и на личната поддршка на канцеларот Курц за нашата земја.

„Вашата поддршка дојде во еден клучен, би рекол, историски период, кога Република Македонија за само една година направи квантен скок кон функционална демократија и независни институции во служба на граѓаните. Во еден таков период, Вие и вашата земја, Австрија, подадовте рака и помош каква што беше и несебичната помош на двата најголеми и најсилни сојузи во светот, НАТО и Европската Унија“, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата на РМ потсети дека Виена беше домаќин на повеќе средби под покровителството на Обединетите нации, кога во главниот град на Австрија се испишуваше историја и се скицираше договорот со Грција и решението за нашата иднина.

„Со постигнатиот договор во Преспа, се отворија вратите за нашето полноправно членство во НАТО и за почеток на преговори за членство во ЕУ. Австрија, како и сите земји членки на двата најголеми сојузи, сакаат да ја видат Македонија рамноправна, со право на глас во семејството на европските демократски држави“, рече премиерот Заев.

Тој додаде дека посетата на австрискиот канцелар Курц ни упатува порака дека Република Македонија се врати на вистинскиот пат, европски пат, и дека тоа го препознаваат и граѓаните на нашата земја, кои, како што рече премиерот Заев, е убеден дека масовно ќе излезат на референдумот и ќе го потврдат изборот за нашето членство во ЕУ и НАТО.

Претседателот на Владата на Република Македонија во своето обраќање пред медиумите потсети дека Австрија е една од најзначајните економски партнери, чии компании се најголемите инвеститори во земјата.

„Уверен сум дека политичката стабилност и безбедност, но и поради економскиот развој што се отвора за нашата држава со процесот за членство во  ЕУ и НАТО, ќе создадат услови за продлабочување на економската соработка, во интерес на граѓаните на двете држави“, порача премиерот Заев на заедничката прес конференција со австрискиот канцелар Курц.

Во своето обраќање пред медиумските претставници австрискиот канцелар Курц истакна дека неговата земја е искрен пријател на Република Македонија, и на целиот регион.

Тој додаде дека постојат традиционално добри врски меѓу Република Македонија и Австрија и заедничко минато, и нагласи дека особено е значајно што двете земји наскоро добиваат реална шанса за заедничка иднина како рамноправни земји членки на ЕУ.

Австрискиот канцелар Курц упати порака до граѓаните на нашата земја да излезат на референдумот и да го дадат својот глас според својот личен избор, но секогаш да имаат предвид дека Европската Унија нема да биде комплетна без сите земји членки на Западен Балкан.

Прочитајте повеќе

Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Покрај пролетниот распуст кој годинава за првпат се воведе во македонското образование, има промена и …