Премиерот Заев на одбележување на 11-ти Октомври во Куманово

Премиерот Заев на одбележување на 11-ти Октомври во Куманово

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерот без ресор задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност, Роберт Поповски и министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, денеска присуствуваше на заедничката прослава на големиот државен празник 11 Октомври, во Куманово, во организација на општините Прилеп и Куманово.

На одбележувањето на празникот, кое се одржа на локацијата спомен-костурница  во Куманово премиерот Заев имаше свое обраќање во кое поздравувајќи ги присутните делегации и граѓаните на Куманово истакна:

„Денеска го одбележуваме празникот Ден на народното востание – 11 Октомври. Со акциите извршени тој ден во 1941 година, беше означен почетокот на востанието на македонскиот народ, и на сите други граѓани во Македонија, против фашистичкиот окупатор. Сеќавањето и празнувањето на ваквите денови служи како потсетник на моментите од историјата во кои кога е најтешко, но и најпотребно, нашиот народ демонстрира неизмерна храброст и истрајност.

Историјата и историчарите ги имаат фактите, но дозволете денес да ги споделам со вас, моите лични впечатоци за храбрите, слободољубиви државотворци. Тој ден тие луѓе направија избор. Историски избор, и потоа не само во Куманово и Прилеп, туку низ цела Македонија, се кренаа на крилјата на идејата, на мислата, на стремежот, Македонија да ја направат дом на слободата, победник над фашистичкото зло. Презедоа одговорност да станат дел од светскиот победнички сојуз на државите што се кренаа против фашистичката закана.

Може да биде наречена судбина, може да биде дури и сплет на историски и политички околности, но храбрите борци за слобода, во 1941 година, со својот избор и со организираните партизански единици на народното ослободително движење, го завршија делото наречено ДРЖАВА МАКЕДОНИЈА.

Избраа дури и да ги положат и своите животи за да изградат од новата држава светилиште на слободата и да им ја даруваат на идните генерации како завет да ја чуваат и да ја унапредуваат. Од тогаш наваму, во текот на сите изминати 77 години, ова беше нашиот завет. Овој завет не смееме да го прекршиме.

Почитувани сограѓани, борци и соборци, вљубеници во слободата,

Може да се каже дека раѓањето на македонската држава е резултат и на личната одлука на секој на секој учесник и учесничка во Народно ослободителната војна. Секој од нив одделно препознаа дека е време за избор. Време да се биде дел од историјата што ќе се памети, што ќе биде инспирација и ќе се слави.

Таа генерација наши претходници ја грабна таа историска шанса за да го остварат вековниот сон – своја држава, држава на македонскиот народ – Република Македонија, и сите граѓани кои што живеат во неа.

Борците на НОБ, им ја дарија новата држава на идните генерации да ја чуваат, да ја негуваат и да ја развиваат, а на светот, во светската културна ризница, му ги подарија без временските скапоцености на нашата културна историја и традиција.

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Празнувањето на значајните датуми и празници од нашата историја, не треба да бидат само формалност и протокол. Празниците се добри моменти кога секоја генерација што ги слави и прославува треба да се запраша:

Како да направиме чекор повеќе во освојувањето на слободата за сите наши граѓани? Како да го зачуваме она што го наследивме и како од Македонија да направиме подобра држава, поубаво место за живеење?

Секоја генерација е должна да ги проширува видиците. Секој граѓанин на нашата држава. И да реагира тогаш кога некој го блокира, го оневозможува развојот. Оваа должност и одговорност најмногу им припаѓа на политичките лидери, на народните пратеници. Затоа мораме да продолжиме, одлучно и храбро во остварувањето на нашата стратешка цел во оваа фаза од нашата историја – побогато општество и повеќе можности за сите, членството во НАТО, а потоа и членството во Европската Унија.

Ова е време кога нашата генерација е исправена пред избор што ќе ја одреди иднината на државата и на генерациите што доаѓаат. Сега е време на нашите деца, и на идните генерации, да им дадеме доволно причини да си го видат своето сопствено место во домот Република Македонија.

Нашата мисија денес е борба за економски развој и борба за секое ново-отворено работно место. Нашата борба денес е да овозможиме европски можности за вложувања во здравството, во образованието и инвестирањето во квалитетни и повисоки стандарди во македонското образование.

Нашиот повик денес е да обезбедиме посигурна, безбедна и просперитетна иднина за нашите млади.

Нашиот приоритет денес се инвестициите во инфраструктурата, во изградбата на патишта, железници, како и помошта за македонскиот земјоделец чија работа и труд заслужува вреднување и почит.

Нашата мисија денеска е исполнување на нашите стратешки цели кои ја овозможуваат реализацијата на овие приоритети.

Сега е време да им докажеме на последните скептици дека Република Македонија е новата ѕвезда во европското соѕвездие. Дека го заслужуваме тоа место.

На 11 Октомври 1941 година, кога поривот за државност повика на акција – патриотите презедоа акција.

Вистински патриот го почитува минатото на својата земја, но многу поважен е неговиот поглед кон иднината.

11 Октомври 2018 година е дел од востанието на нашата генерација.

Ова е востание на гласот. Тој глас со којшто ќе ја осигуриме иднината на слободна, независна, европска, просперитетна Македонија. Тој граѓански глас ги повика институциите да ја овозможат европската и атлантската иднина на сегашните и идните генерации во нашата Македонија.

Сега е редот на гласот на народните избраници во Собранието, кои се исправени пред историската улога за иднината на Македонија за сите нас.

Пред 77 години борците од НОВ отпочнаа борба за иднината, а нашата генерација денес ја има таа чест да се избори за европската иднина на Република Македонија!

Денес изборот за членство во ЕУ и НАТО го одредува нашиот патриотизам. Идните генерации ќе го слават само ако им дадеме повеќе причини за тоа. Како што нам, причини за славје ни даде генерацијата на партизаните од антифашистичката и народноослободителната борба.

Нека ни е честит и вековит 11 Октомври, Денот на народното востание“.

Прочитајте повеќе

Студенти

Студентите што земаат стипендии може да ги продолжат до крајот на октомври

Аплицирањето се врши онлајн, на порталот „е-услуги“ на МОН. Рокот за продолжување на стипендиите, односно …