Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска ги отпочна своите активности од програмата на шефовите на влади на Самитот за Западен Балкан во рамките на годишната конференција која оваа година се одржува во Полска која претседаваше во изминатите 12 месеци со Берлинскиот процес за земјите од регионот, како платформа за европски дијалог и соработка за поддршка на политиката на проширување на ЕУ со земјите од регионот.

Премиерот Заев и неговата делегација, како и шефовите на владите, ги пречека премиерот на Република Полска Матеуш Моравјецки, по што делегациите на лидерите на владите на земјите од Западен Балкан, заедно со домаќинот и со членови на Европската Комисија, се повлекоа на работен појадок.

За време на оваа работна сесија од форумот на шефови на влади на земјите од Западен Балкан, премиерот Заев се заблагодари за претседавањето на Република Полска со Берлинскиот процес, во период во кој е направен напредок во регионот и во период кога Република Северна Македонија ги оствари сите препораки на Европскиот Совет од јуни 2018 година, по што следуваше досега најсилната и безусловна препорака на Европската Комисија земјата да ги отпочне преговорите за членство со ЕУ.

Премиерот Заев додаде дека очекува ветувањето за јасна поддршка за старт на преговорите во октомври оваа година ќе биде исполнето.

„Таквата одлука ќе ја потврди кредибилноста на ЕУ во регионот и ќе биде препорака за земјите со кандидатски статус да ги продолжат реформите за остварување на европските стандарди и за да се охрабрат политиките што ќе им донесат просперитет, демократија и стабилност во регионот. Ја разбираме и ја поддржуваме дебатата за реформи во ЕУ, но убедени сме дека тој процес може да оди паралелно со процесот на преговори и за проширување со земјите од регионот“, истакна во своето обраќање премиерот Заев за време на работниот појадок на Самитот за Западен Балкан во Познањ,  и додаде дека посветеноста кон проширувањето ќе потврди дека регионот е од стратешки интерес за ЕУ, и дека со тие политики ќе се минимизираат интересите на трети страни.