Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска заедно со градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, генералниот директор на АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) Васко Ковачевски, и директорот на ЈП „Комунална хигиена“- Скопје, Абдусамед Шабани, извршија обиколка и увид на претоварната станица во Карпош-Скопје, каде што граѓани ги одложуваат старите печки на нееколошки горива, дрво, јаглен и фосилни горива, откако претходно се пријавиле на јавниот повик за добивање субвенции за набавка на инвертер клима уреди, кои се еколошко и далеку поевтино греење.

„Сето ова се финализира пред почетокот на новата грејна сезона, со што, следејќи ги сите анализи кои покажуваат дека нееколошкото греење е најголемиот загадувач на амбиенталниот воздух, со замената на греењето со еколошки системи, драстично ќе се намали загадувањето“, рече премиерот Заев.

Посочувајќи дека имплементирањето на оваа мерка за намалување на загадувањето е при крај, како дел од реализирањето на Планот за чист воздух како стратешки приоритет, премиерот Заев, ја искористи приликата да изрази благодарност кон АД „ЕСМ“ за обезбедувањето на средства во висина од 10 милиони евра, односно 618 милиони за реализација на мерката субвенционирање на високоефикасни инвертери, како и до јавното претпријатие „Комунална хигиена“ и вработените во депонијата „Дрисла“ за финализирање на мерката.

Премиерот Заев подвлече дека вратените печки, покажуваат дека толку домаќинства годинава нема да бидат извор на концентрации од загадувачки супстанци.

„Ние како Влада, продолжуваме со преземање на мерки за целосно справување со загадениот воздух. Покрај соочувањето со пандемијата предизвикана од КОВИД-19, продолжуваме со активностите за заштита на здравјето на сите граѓани и за обезбедување на здрава животна средина за нас и нашите деца“, истакна премиерот Заев.

Градоначалникот Шилегов информираше дека јавниот повик за субвенционирање на инвертер клими е најголем што досега го има реализирано Град Скопје, објаснувајќи дека секој граѓанин кој аплицирал за набавка на вакви уреди, а притоа ја вратил старата печка, добива можност да му биде вратен целиот износ за набавка на уредот најмногу во висина до 62.000 денари.

„Град Скопје досега има примено околу 4.060 апликации од кои досега околу 1.000 печки се вратени само во општините Сарај и Шуто Оризари. На оваа локација согласно примените апликации се очекува да бидат вратени околу 1.300 печки од општините Ѓорче Петров, Карпош и Центар. Пред 20-тина дена повикот беше стопиран, со цел да се провери уште колку средства остануваат за доделување, имајќи во предвид дека различните уреди кои ги набавуваат граѓаните имаат различни цени, а согласно тоа потребно е време прецизно да се пресметаат преостанатите средства“, рече Шилегов кој најави дека повикот повторно ќе продолжи и за тоа ќе бидат информирани граѓаните.

Градоначалникот Шилегов нагласи дека оваа мерка за намалување на загадувањето на воздухот во Скопје, со враќање на старите печки кои користат нееколошки енергенси, во Скопје, ќе има околу 4.000-5.000 оџаци помалку и изрази уверување дека тоа ќе биде забележано и од мерните станици за мерење на аерозагадувањето во градот.

„Ги повикуваме граѓаните да се вклучат во овој проект, да обезбедат почисто, поевтино и поеколошко греење за себе и за своите семејства, а со тоа да инвестираат во зачувување на чистиот воздух. Сите кои имаат дилема околу потрошувачката на електрична енергија, сакам да ги информирам дека, инвертерите трошат малку струја, а во секој случај, по сите пресметки, штетата за околината од производството на струјата потребна за греење на домовите преку инвертери, е далеку помала од штетата која настанува од греењето на тие домови со печки на дрва или јаглен“, рече директорот Ковачевски кој упати благодарност до премиерот Заев и до Владата за, како што рече, слухот кој го покажува за енергетиката и особено за инвестициите во обновливи извори на енергија.

За време на обиколката на претоварната станица, при што премиерот Заев беше запознаен со процесот на складирање на кабаст отпад, пластика и старите грејни тела, повеќе граѓани кои аплицирале за субвенционирање на замена на сопственото греење со инвертер клими ги одложуваа своите стари шпорети и ја завршуваа процедурата околу добивање на повратните средства за набавените еколошки грејни тела, односно инвертер клима уреди.