Претседателот Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Турција

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Турција

Претседателот Стево Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Турција во Република Северна Македонија, Хасан Мехмет Секизќок.

Изразувајќи задоволство од одличните билатерални односи и успешната соработка помеѓу двете пријателски земји коишто се во духот на силно традиционално пријателство и партнерство, претседателот Пендаровски истакна дека двете држави споделуваат заеднички вредности за толеранција, меѓусебно разбирање и почит, вредности кои претставуваат клучни столбови во градењето на подобра и попросперитетна иднина за граѓаните на  двете земји.

 Претседателот Пендаровски упати благодарност за целокупната поддршка на Република Турција за Република Северна Македонија, пред сé за цврстата и отворената поддршка за евроатланскиот пат на нашата земја додавајќи дека досегашното природно сојузништво во НАТО ќе се преточи и во официјално, со што заедно двете земји ќе продолжат да обезбедуваат мир и стабилност во Регионот, но и за Европа во целост.

 „Остануваме будни во нашиот Регион, кој неретко и во различни форми е на удар на пошироки геостратешки игри и закани, со што соработката, довербата и координацијата во борбата против тероризмот, организираниот криминал, нелегалните миграции, сајбер заканите и слични феномени, претставуваат приоритет за сите нас“, рече Претседателот.

 Заблагодарувајќи се за срдечното добредојде, амбасадорот Секизќок оцени дека вкоренетите историски и човечки врски, споделените демократски вредности и целите на економско поле ќе помогнат во зајакнувањето на соработката помеѓу двете земји и истакна дека во периодот кој следи покрај трговијата и инвестициите, взаемната соработка ќе се интензивира и продлабочи и во многу други сфери.

 „Турција ја гледа Северна Македонија како еден важен и ценет партнер. Развивањето на нашите партнерски односи е и во полза на Балканот и евро-атлантското семејство“, рече амбасадорот Секизќок.

 Притоа додаде дека еден од основните постулати на блиските односи и соработка е турската заедница која со векови постои во овие територии и вложува труд за развојот и доброто на Северна Македонија изразувајќи уверување дека Турција и понатаму ќе продолжи со својата поддршка за Северна Македонија со цел подигнување на нивото на просперитет на граѓаните на земјата.

 Претседателот Пендаровски на новоименуваниот амбасадор му посака успех во извршувањето на одговорната дипломатска функција.

Прочитајте повеќе

Денеска гласаат болните, затворениците и дијаспората

Денеска гласаат болните, затворениците и дијаспората

На вториот круг од претседателските избори право на глас имаат 1.814.317 избирачи, а на парламентарните …