Спасувачката акција по исчезнатиот македонски државјанин во местото Посиди, Грција продолжува во полн капацитет со хеликоптер и бродови како претходните два дена, соопшти Министерството за надворешни работи
28 годишното момче по кое сѐ уште трае потрагата исчезна во саботата заедно со неговите двајца другари во водите на Егејското Море, на Касандра, првиот крак на Халкидики.
Како што објави грчкиот портал „In.gr“ крајбрежните пловила и хеликоптерот досега не успеале да го лоцираат 28-годишникот.
Неговите пријатели кои вчера и завчера беа извлечени од морето, како што соошти МНР се во добра здравствена состојба и се наоѓаат во болница.
Крајбрежната стража на Грција вчера потврди дека по 18 часа упорно трагање, екипаж на товарен брод, кој пловел под знамето на Гибралтар, успеале да го спасат и вториот од вкупно тројцата момчиња, кои во саботата за само неколку минути силниот ветер и морските струи за кратко време ги однесе на отворено море, пренесе Tanea.gr.
Грчките медиуми исто така јавија дека сите тројца се од Скопје, на возраст од 25, 28 и 30 години. Првиот, 25–годишниот беше спасен уште во саботата, кога сурфери го извлекле околу 19 часот по локално време.
Според грчките медиуми, тие се вознемирени но се надеваат дека нивниот пријател ќе биде спасен.
Општината Касандра во следниот период ќе преземе мерки за да може веднаш да се постават табли за предупредување на туристите за брзите морски струи, за во иднина да не се повторат идентични инциденти.
Исто така, во минатото Културното друштво Касандра поставило табли на самото место, но за некој набргу ги отстранил.
Првиот кој беше спасен, 25 годишниот Васил Брезовски, од болницата во која што е згрижен за грчките медиуми посведочи што точно се случувало вчера.
„Отидовме да пливаме со моите пријатели, на место кое тогаш беше мирно. Немаше проблем, ниту високи бранови, ниту многу ветер. Но, за две минути, без да сфатиме, сѐ се смени. Ни попушти вниманието на неколку минути, додека бевме во плиткото. Но, тоа беше доволно за времето да се промени и водата да нѐ вовлече длабоко во морето“, рече Брезовски за „Иефимерида“.