Пуштен во употреба булеварот „Христијан Тодоровски – Карпош“ до скопската обиколница

Пуштен во употреба булеварот „Христијан Тодоровски – Карпош“ до скопската обиколница

Новиот булевар „Христијан Тодоровски – Карпош“, кој се протега од крстосницата со улицата „Босна и Херцеговина“, кај стара Општина Чаир, до скопската обиколница, денеска беше свечено пуштен во употреба.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов, на церемонијата на која присуствуваа и градоначалниците на општините Бутел, Гази Баба и Шуто Оризари – Велимир Смилевски, Борис Георгиевски и Курто Дудуш, како и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, рече дека оваа нова сообраќајница ќе овозможи развој на северниот дел на градот и полесно излегување на Обиколницата на околу 100.000 жители од северните населби на Скопје, а и ќе овозможи релаксирање на сообраќајот во целиот град.

– За потсетување, досега единствената сообраќајна опција за поврзување со централниот дел од Скопје на неколку десетици илјади жители од Бутел, Радишани, Љубанци, Љуботен, Чучер-Сандево и други населени места беше улицата Бутелска, на која се создаваше голем сообраќаен метеж. Со изградбата на булеварот Христијан Тодоровски Карпош го завршивме едно од најдолгите поврзувања на релација север-југ кое почнува со улицата Бихаќка во населбата Црниче, продолжува речиси праволиниски по булеварите Кочо Рацин, Крсте Мисирков и Цветан Димов, па преку Христијан Тодоровски Карпош се поврзува со скопската обиколница – рече Шилегов.

За делницата во должина од два километри се потрошени околу 4,6 милиони евра со вклучен ДДВ. Новиот булевар е со вкупна широчина од 40 метри, со по три ленти од по 3,5 метри во секој правец, со две велосипедски патеки од по 2,5 метри и пешачки патеки со променлива широчина. Поставени се и 130 бандери.

Делот од улицата „Босна и Херцеговина“ до улицата „Натанаил Кучевишки“ во населбата Бутел 1 беше завршен пред повеќе од година, а во изминатиов период се работеше на завршување на делот од Натанаил Кучевишки до обиколницата.

Скопскиот градоначалник рече оти е можно по новиот булевар наскоро да минуваат и некои линии од јавниот превоз.

Прочитајте повеќе

3 Мај: Новинарите слабо платени и небезбедни

3 Мај: Новинарите слабо платени и небезбедни

Од ССНМ и од ЗНМ велат дека Светскиот ден на слобода на медиумите – 3 …