Путин во предлозите на Макрон гледа шанса за деескалација

Путин во предлозите на Макрон гледа шанса за деескалација

Рускиот и францускиот претседател во Москва, во петчасовниот разговор, бараа излез од кризата околу Украина. Двајцата изразија увереност дека може да се преземат заеднички чекори.

Францускиот претседател Емануел Макрон, по средбата со својот руски колега Владимир Путин во Москва, гледа можности за дипломатско решение на актуелните тензии во Европа. Мировниот план за Донбас, т.н. Мински договор, мора да биде реализиран стриктно и комплетно, изјави Макрон во Москва, барајќи и Украина да преземе чекори во таа насока.

Макрон посебно укажа на исклучително тензичната ситуација на украинската граница, каде се стационирани 125.000 руски војници, „што нормално предзвикува нервоза“, фалејќи го истовремено опуштениот став на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Наша заедничка одговорност е пронаоѓање конкретни мерки за стабилизирање на ситуацијата и стигнување до деескалација“, во меѓусебна согласност со Украина, ЕУ и САД. „Уште има време да се тргне по патот кој обезбедува мир“, порача Макрон.

И рускиот претседател Владимир Путин гледа простор за напредок во надминување на украинската криза. Средбата со Макрон тој ја оцени како корисна, суштинска и конструктивна.„Сметам дека е можно, редицата негови идеи и предлози (…) да градат база за наши заеднички натамошни чекори“, изјави Путин.

Тој се пожали на игнорирање на одредбите од Минскиот договор од страна на украинското раководство, инситирајќи на дијалог на Киев со раководствата на отцепените региони Лугањск и Доњецк.  Путин ѝ префрли на Украина и повреди на човековите права, меѓу кои и репресалии врз луѓето чиј мајчин јазик е рускиот.

Западот,  смета Путин, ги користи тензиите околу Украина за антируска политика – Русија е осудувана за движење на нејзината војска на своја територија, додека украинската армија е финансирана и снабдувана со оружје од странство.

Рускиот претседател критикува што  Русија е окфалификувана од НАТО за опасност и противник, иако никого не загрозува, но повтори – прием на Украина во Алијансата нема да помине без отпор. Во овој контекст, Путин предупреди повторно од опасноста од војна со НАТО, доколку  Украина како членка на Алијансата со сила би се обидела да си го поврати Крим, анектиран од Русија во 2014 година. „Тогаш не би имало победник“, рече Путин.

Францускиот претседател денеска патува во Киев на разговор со претседателот Зеленски, а потоа во Берлин на средба со канцеларот Олаф Шолц, по што повторно ќе разговара со Путин – телефонски.

„Следните денови се решавачки за безбедноста на Европа. Уверен сум дека ќе дојдеме до резултат, иако тоа нема да биде едноставно“, истакна Макрон.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Министрите од ЕУ се согласија да ги заострат санкциите кон Иран

Министрите од ЕУ се согласија да ги заострат санкциите кон Иран

На состанокот во Луксембург денеска (22 април) министрите за надворешни работи од земјите-членки на ЕУ …