Растот на инфлацијата и реалната опасност од неа

Растот на инфлацијата и реалната опасност од неа

Растот на цените, пандемијата,енергетската криза и нарушените синџири на снабдување ја подгреаја инфлаторната спирала. Вторпат годинава, Народната банка прави корекција на инфлацијата, која од првичната прогноза за 1,5%, преку 2,2 отсто, сега се искачи на проекција за 3,1% инфлација до крајот на годинава. Оценката на монетарната власт „на прва“ делува загрижувачки, оти пред сѐ е резултат на неповолните ценовни движења и неизвесноста која е присутна, пред сѐ поради влијанијата на надворешни фактори.

Сепак, Народната банка уверува дека досегашниот тренд не е алармантен и ја позиционира инфлацијата во контролирани рамки. Затоа не се планираат ниту интервентни мерки, оти за тоа засега нема потреба. Ризиците постојат, но Народната банка сепак не очекува позериозни шокови, што сепак не е причина за опуштање:

„Будно ги следиме состојбите, особено случувањата во енергетскиот сектор, но и кај глобалниот раст на цените на храната. Тие имаат доминантна улога во потрошувачката кошничка, околу половина од неа отпаѓа на храна и енергија. Така што, будно следење е навистина неопходно периодов. Иако засега не се очекуваат поизразени шокови, се очекува инфлацијата да остане во умерени рамки“, изјави гувернерката Анита Ангеловска Бежоска.

Смирувачки тонови

Или накусо, според Народната банка, домашната економија закрепнува, инфлацијата останува во контролирани рамки. Оптимизмот се базира на очекувањата дека економијата ќе закрепнува, а состојбата ќе се стабилизира на почетокот од наредната година, за кога се очекува инфлација од 2,4 отсто.

Ваквите смирувачки тонови од Народната банка влеваат одредена сигурност, но и создаваат одредени дилеми. Клучната е – дали и колку економијата може да биде безбедна, посебно откако вчера се прогласи и енергетска кризна состојба во траење од 30 дена. Експертската јавност предупредува дека економијата ќе биде на удар, пред сѐ поради отвореноста и увозната зависност на македонска економија. Но за тој да не биде сериозен, клучно е, велат, предизвиците да се менаџираат соодветно:

„Македонската економија е мала, отворена и увозно зависна. Секое од глобалните нарушувања како на пазарот на енергија и храна, така и на страната на глобалната ефективна побарувачка за нашите производи и услуги, се одразува на домашната економија. Оттука, одговорот на прашањето дали зголемените глобални цени, или намалената глобална економска активност ќе имаат неповолни ефекти на домашната економија, е – да! Меѓутоа, особено важен е начинот на менаџирање на овие ефекти и капацитетот за компензација на штетите на оние кои немаат можност да го апсорбираат надворешниот економски монетарен шок“, коментира за Дојче веле Борче Треновски, универзитетски професор.

Извор: DW

Целиот текст ТУКА

Прочитајте повеќе

Тевдовски, Узунов, Беџети, Бишев

Економски експерти со предлог решенија и политики за нов концепт на водење на економијата во државата

Вчера, се одржа јавна дискусија „Нова ера, нова надеж“ кадешто се разговараше за нов концепт …