Народна банка НБРСМ

„Фич“: Инфлацијата и натаму ќе забавува

Агенцијата прогнозира дека просечната стапка на инфлација во земјава ќе се намалува и во 2024 и 2025 година. Брзиот раст на платите, сепак, претставува нагорен ризик за инфлацијата

Соодветната монетарна политика, стабилизирањето на цените на храната на светските берзи, како и временото замрзнување на цените на храната придонесоа за намалување на инфлацијата, се наведува во последниот извештај за земјава на агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“, во кој се потврдува кредитниот рејтинг „ББ+“ со стабилен изглед, соопштија од Народната банка.

Во извештајот на „Фич“ се вели дека поради затегнатата монетарна политика, инфлацијата се намали на 3 проценти во февруари оваа година, во споредба со 19,8 отсто во октомври 2022 година, кога го достигна највисокото ниво. Базичната инфлација, се наведува, исто така се намали на 4,7 отсто во февруари, од највисокото ниво од 11,1 отсто во декември 2022 година.

Агенцијата прогнозира дека просечната стапка на инфлација ќе се намалува и во 2024 и 2025 година. Според „Фич“, брзиот раст на платите претставува нагорен ризик за инфлацијата, но се посочува дека зголемените профитни маржи во последниве години можат да неутрализираат дел од повисоките трошоци и да придонесат за намалување на ризикот од повисока инфлација.

„Фич“ оценува дека македонскиот банкарски сектор и натаму е стабилен и профитабилен, а адекватноста на капиталот од 18,1 отсто е на највисоко ниво во последните 17 години.

Кредитната активност забави сведувајќи се на 5,1 проценти во декември 2023 година, а забавуваат и цените на недвижностите како резултат на затегнатата монетарна политика и преземените макропрудентни мерки.

Агенцијата ги нагласува и поволните трендови кај денаризацијата, којашто е зголемена и го достигна нивото од 49,8 проценти на крајот на 2023 година, со што се надминаа негативните ефекти забележани од почетокот на војната во Украина.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Народна банка

Народна банка обезбеди стабилност на денарот, инфлациските движења и банкарскиот сектор

Народната банка води соодветни политики, кои придонесоа за стабилизација на инфлацијата, курсот на денарот и …