Реализацијата на капиталните инвестиции нема да запре поради корона кризата

Реализацијата на капиталните инвестиции нема да запре поради корона кризата

Владата не планира да ја запре реализацијата на капиталните инвестиции во делот на инфраструктурата. Од Министерството за транспорт и врски во изјава за „Мета.мк“ посочуваат дека капиталните проекти во делот на патната, железничката и комуналната инфраструктура ќе продолжат да се изведуваат непречено.

– Министерството за транспорт и врски ги презема сите потребни активности за да нема застој во реализација на капиталните проекти – велат од ова министерство.

Тие потенцираат дека кај голем дел од проектите од патната инфраструктура, кои во моментов се градат, постои дури и поголем обем на реализација во однос на планираната динамика. Кај железничката инфраструктура, од Министерството за транспорт и врски потенцираат дека изградбата на пругата кон Бугарија тече тековно, но во овој момент изведбата на делницата од Куманово до Бељаковце е со намалена динамика поради настанатата состојба.

Едно од ретките прашања со кои се сложија власта и опозицијата во периодот на корона кризата е токму реализацијата на капиталните инвестиции. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев пред јавноста изјави дека исполнувањето на ветеното кај капиталните инвестиции мора да продолжи. И опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ во вчерашното соопштение нагласи дека реализацијата на капиталните инвестиции не смее да запре, со цел да им се помогне на индустријата и градежништвото.

Со молба за продолжување на изведбата на капиталните проекти се јавија и од стопанските комори во земјава. Од Здружението на градежништвото, индустријата за градежни материјали и неметали при Стопанската комора на Македонија посочија дека ги ставаат на располагање нивните капацитети за целосен ангажман за времетраење на кризата, но и потоа.

„Светската историја покажала дека во вакви големи економски кризи преку реализација на големи инфраструктурни проекти градежниот сектор многу придонел за повторно заживување на економијата. Затоа, не треба да се кратат капиталните инвестиции што се проектирани во буџетот, а кои се однесуваат на инфраструктурни проекти и тие проекти треба да се реализираат“, посочуваат од Стопанската комора на Македонија.

И покрај желбата за продолжување на градежните активности и понудата за ставање на располагање на нивните капацитети, кај градежниците сепак владее страв од финансиски крах поради проблемите со наплата на побарувањата и финансиските обврски на компаниите, но и неизвесноста за тоа што ќе се случува со тековните и со новите проекти за изведба.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да …