Михаел Рот се надева дека во Собранието набрзо ќе се создадат предуслови за почеток на процесот на уставни измени за да продолжи патот на земјата кон ЕУ. Поранешниот државен министер во германското МНР, а денес претседател на Комисијата за надворешна политика во Бундестагот, по средбата со претседателот Стево Пендаровски во Скопје порача дека „ги чувствува фрустрациите и разочараноста од ЕУ“ кај македонските граѓани, но рече дека дошол „да ги охрабри да се посветат на следниот чекор на европскиот пат“.
„Се надевам дека во парламентот ќе се создадат предуслови за да се продолжи со пристапните преговори. Знам дека измената на Уставот не им паѓа лесно на многумина, но сите треба да се прашаат како најдобро да ѝ служам на државата, а не на мојата партија“, порача Рот, кој се среќава и со претставници на опозицијата, како и на граѓанското општество.
Од политичките лидери во Северна Македонија, Рот побара да се посветат повеќе на борбата против корупцијата и непотизмот и отворањето нови работни места, а од ЕУ да си ја врати загубената доверба и да не остане само на празни ветувања.
Од ЕУ, германскиот политичар очекува во наредниот период да покаже поголема солидарност, „да стане повидлива и повеќе да се ангажира за да се отворат работни места и да им даде перспектива на младите луѓе во Северна Македонија“.
Рот рече дека ЕУ е заедница на културна и јазична разновидност и дека „никој нема право да се меша во културниот идентитет и ниту еден договор нема никогаш да може да промени нешто во ова основно начело на кое се базира ЕУ.“