Украина воени сили

Русија тврди дека спречила украинска контраофанзива, Украина вели планот е таен

Руското Министерство за одбрана соопшти дека спречила голема украинска контраофанзива во Донецкиот регион, тврдејќи дека убиле 250 украински војници и дека уништиле оклопни возила, пренесува Би-би-си. На ова руско тврдење засега нема официјален коментар од властите во Киев, а руското соопштение не може да се потврди од независни извори.

Сепак, украинската министерка за одбрана Хана Малиар на Телеграм потврди дека планот за почеток на контраофанзивата со сигурност нема да го објават во јавноста пред истата да започне, пренесува Укринформ.

Би-би-си го пренесува соопштението на руското Министерство за одбрана дека Украина во неделата започнала „офанзива од големи размери“ во регионот на Донецк, користејќи шест механизирани и два тенковски баталјони.

Руската војска тврди дека Украинците се обиделе да ја пробијат руската одбрана во она што Киев го сметаше за најранливиот дел од фронтот, но дека „не ги постигна своите задачи, немаше успех“.

Би-би-си пишува дека украинската влада треба да му покаже на народот и на западните сојузници оти може да ги пробие руските линии и повторно да заземе дел од нејзината суверена територија.

Утрово командантот на копнените сили на Украина, Олександр Сирскиј рече дека војниците „се движат напред“ кон Бахмут и дека уништиле руска позиција во близина на градот.

Во исто време, борците од Легијата на слободата на Русија кои се спротивставени на владата во Москва велат дека заробиле некои руски војници во Белгород, во близина на границата со Украина.

Тврдењето го даде Легијата на слободата на Русија во заедничка изјава со Рускиот волонтерски корпус.

Двете групи сакаат да го соборат претседателот Владимир Путин. Тие се противат на целосната инвазија на Украина што тој ја започна во февруари минатата година.

Гувернерот на рускиот регион Белгород, Вјачеслав Гладков одговори дека се согласил да се сретне со киднаперите ако војниците се живи. Но, борците подоцна рекоа дека гувернерот „не нашол храброст“ да се сретне со нив и дека ќе ги предадат своите заробеници на Украина.

Русија ја обвини Украина за неодамнешните напади на нејзините погранични територии, но властите во Киев негираат дека се директно вмешани.

Властите во Белгород соопштија дека енергетската централа била запалена по нападот со дрон во понеделникот наутро.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Јужна Кореја: Опозицијата бара импичмент на претседателот

Јужна Кореја: Опозицијата бара импичмент на претседателот

Јужнокорејскиот претседател Јун воведе воена состојба во земјата поради блокада на буџетот, која траеше неколку …