украина

„Руски фашизам“? Историчарите за новиот израз во Украина

„Рашизам“ е кратенка за изразот „руски фашизам“. Украинскиот парламент го дефинира поимот поврзан со руската агресорска војна како „вид на тоталитарна идеологија“. Што се крие зад тоа?

По руската инвазија врз Украина, зборот „рашизам“ е во секојдневна употреба во Украина. Го користат граѓаните, медиуми и политичари за повлекување паралели меѓу актуелната војна со Втората светска војна.

„Рашизам е поим кој ќе влезе во историските книги“, оцени украинскиот претседател Володимир Зеленски на крајот на април. Украинскиот парламент сега за првпат го дефинираше овој термин. Во резолуција усвоена на 2 мај, се вели дека„рашизам“ означува „руски фашизам“. Кованицата не е нова, а изразот се користеше и претходно и тоа не само во Украина.

Поимот „рашизам“ настана пред неколку години меѓу новинарите во постоветско време. Тој е кратенка од англиските зборови „Russia“ (Русија) и „Fascism“ (фашизам) – т.н. кованица. Во Советскиот Сојуз „фашизам“ беше синоним за националсоцијализам, а така е и денес во државите наследнички, пред сѐ во Русија. На Запад пак зборот фашизам се употребува првенствено во врска со режимот во Италија, настанат во 1920-те години.

По анексијата на Крим во 2014 година, изразот „рашизам“ стануваше сѐ попопуларен во Украина. „Во украинското општество се бараше соодветен поим за означување на агресорот“, вели професорот во Харвард и историчар кој се занимава со украинската историја, Серхил Плоки во разговор за Дојче веле. Тоа што поимот „рашизам“ сега се појавува во парламентарна декларација, го отсликува овој перманентен процес.

Дефиниција за „рашизам“ во украинскиот парламент

Во резолуцијата на украинскиот парламент која содржи две страници, се објаснува дека „рашизам е нов вид на тоталитарна идеологија и пракса“. Тој е темел на режимот кој се етаблираше во Русија под претседателот Владимир Путин. Парламентот во Киев тука ги вбројува и „рускиот шовинизам“ и „империјализам“, но и наследството на „комунистичкиот режим на Советскиот Сојуз и на националсоцијализмот“.

Во листата на карактеристики на „рашизмот“ украинскиот парламент покрај другото ги наведува „систематските прекршувања на човековите права и ословните слободи“, „култот кон насилство и милитаризам“, „личниот култ на водачот и сакрализирање на државните институции“, како и „самовеличање на Русија и Русите на сметка на насилно угнетување или отфрлање на егзистенцијата на други народи.“ Последната точка очигледно се однесува на негирањето на постоење посебен украински народ од страна на руската пропаганда.

рускиот претседател Владимир Путин
„Путинизам“ може да биде синоним за „рашизам“ – рускиот претседател Владимир Путин

Каде „рашизмот“ наликува на фашизам и нацизам…

„Ова е оригинален чекор, невообичаен и веројатно изненади бројни историчари, дипломати и новинари“, вели за ДВ Андреас Умланд, експерт за Украина од Стокхолмскиот центар за источноевропски студии.

Можеби усвојувањето дефиниција во украинскиот парламент има смисла. Така се создава поим кој ги опфаќа руските специфичности и овозможува диференцирање во споредба со германскиот националсоцијализам, зашто германскиот фашизам, според мислењето на Умланд, бил нешто што е специфично германско.

Мартин Шулце Везел, историчар за источна Европа на универзитетот „Лудвиг Максимилијан“ во Минхен, поимот „рашизам“ го смета за соодветен: „Украинскиот парламент донесе политичка одлука да ја нарече Русија онака како што логично произлегува од војната.“ Поимот е „умешно одбран, зашто ги истакнува содржаните сличности со фашизмот, но истовремено ја истакнува руската специфика“, вели Везел. Во сличностите тој ги вбројува „култот на личност, во извесна мерка милитаризмот“.

Украинскиот парламент
Украинскиот парламент усвои декларација за поимот „рашизам“

…и каде постои разлика

Разликата меѓу „рашизам“ и фашизам, оносно националсоцијализам е кај антисемитизмот, кој е составен дел на фашизмот, смета Шулце Везел. „Програмски антисемитизам“ во Русија не може да согледа ниту германскиот публицист и познавач на Украина, Винфрид Шнајдер-Детерс. „Рускиот фашизам“, пишува тој, е алтернативен израз за „путинизам“. Шнајдер-Детерс: „Путинизмот е фашизам, една од многуте варијанти на италијанскиот оригинал“.

Андреас Умланд укажува на уште една разлика: „Науката има прифатено дека фашизмот е револуционерна идеологија насочена кон преуредување, ново раѓање на целата земја. Тоа не може да се каже за Русија.“ Тоа е поврзано со фактот што Путин, за разлика од Хитлер, „е претставник на стариот режим“, вели Умланд. Шефот на Кремљ е „функционер на советскиот режим, кој својот поглед го насочува кон минатото, а не толку кон иднината“.

Може ли „рашизмот“ да биде кривично дело?

Украинскиот парламент го осуди „рашизмот“ и ќе апелира до ОН и други меѓународни организации, влади и парламенти, да го направат истото. Во тоа е содржана не само надежта „светот да се потсети на злосторствата извршени од Русија“, туку и желбата подоцна руското раководство да биде повикано на одговорност.

Дали поимот „рашизам“ ќе биде меѓународно признат и ќе се прошири, експертите не можат да предвидат. Мартин Шулце Везел аргументира дека за меѓународното кривично право се релевантни само интернационални кривични дела, на пример злосторства против човештвото.

Винфрид Шнајдер-Детерс тоа вака го формулира: „Притоа е сеедно дали класифицирањето на ‘путинизам’ како ‘фашизам’ (или како ‘нацизам’) е научно или не, сѐ додека трае ‘Путиновата војна’ во Украина, во прашање е публицистичкото дејство на овој израз“. За научно класифицирање, историчарите и политиколозите може подоцна да се грижат – по војната.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Талат Џафери: Има обиди за изборен инжинеринг

Талат Џафери: Има обиди за изборен инжинеринг

Имам добиено извештаи од учесниците во изборниот процес за вознемирување во однос на обиди за …