Руски инвеститор ја тужи Општина Битола, бара отштета од 2,3 милиони евра

Руски инвеститор ја тужи Општина Битола, бара отштета од 2,3 милиони евра

Општина Битола не обезбедила целосна комунална инфраструктура во станбено-деловниот комплекс „Јуриј“, на што се обврзала со договорот, а без урбанизација на просторот, на инвеститорите им останале непродадени станови и деловен простор, вели адвокатот Васил Ѓорѓијев, кој ја застапува фирмата „Елита инвест трејд“ ДООЕЛ Скопје.

Пишува Анета Блажевска, Битола

Наследниците на рускиот инвеститор Јуриј Липухин ја тужат Општина Битола за надомест на штета од околу 138 милиони денари, или 2,3 милиони евра, бидејќи со изградбата на луксузниот станбено-деловен комплекс „Јуриј“ Општината не обезбедила целосна комунална инфраструктура. Без урбанизација на просторот, осветлување, улици, пристапи, амбиент за домување, на инвеститорите им останаа непродадени станови и деловен простор, а отежнато е домувањето и на новите станари во станбениот комплекс.

„Јуриј“ почна да се гради во летото 2012 година, за време на владеењето на ексградоначалникот Владимир Талески. До денес, во новата населба „Златен рид“ уште целосно не е решена инфраструктурата според договорот, направен меѓу инвеститорите и Општината, иако од комуналии од тој простор Општината инкасира 5,2 милиони евра.

Уплатените комуналии пренаменети за „Жабени“

Адвокатот Васил Ѓорѓијев, кој ја застапува фирмата „Елита инвест трејд ДООЕЛ Скопје“, основана од познатиот руски бизнисмен Липухин, вели дека тужбата е поднесена додека Талески уште бил на власт, во октомври 2017 година, во Основниот суд Битола. Определен е судија, но уште се чека на закажување на првото рочиште. Во тужбата се наведува дека инвеститорот и Општината склучиле договор за уредување на градежно земјиште во јануари 2012 година. Според договорот, инвеститорот имал обврска да ги уплати комуналиите, а Општината да го уреди и опреми градежното земјиште кај „Јуриј“ со комунални објекти и инсталации во рамките на уплатените комуналии и програмата за уредување на градежно земјиште. Тоа досега не е исполнето во целост.

– Инвеститорот зеде две парцели во поранешната касарна и уплати, заедно со комуналиите околу 36.600.000 денари. Огромни суми беа уплатени, а во договорот со Општината стои дека треба да го уреди земјиштето и да му овозможи на „Јуриј“ зградата што се градеше нормално да функционира и набрзо да дојде до продажба на становите. Поради неажурноста на Општината, тоа до денес не е исполнето. Тоа се фактите – вели адвокатот Ѓорѓијев за „Слободен печат“.

Тој наведува дека десетици пати пратиле дописи и предупредувања до Општината да се дејствува на терен и да се исполнат договорените ветувања. Своевремно лобирал и рускиот амбасадор во нашата земја, но и покрај ветувањата на Талески, парите од комуналиите биле пренаменети во индустриската зона „Жабени“.

– Опомените од нас беа чести, инвеститорот не успеа да ги продаде становите според планот, затоа одлучивме додека беше Талески на власт да направиме вештачење, да ја собереме документацијата и да ја тужиме Општината. Бараме надомест од 137.852.397 денари за изгубена добивка и ред други штети наведени во историјата на тужбата – вели адвокатот на „Јуриј“.

Кредитот ќе се отплаќа до 2030 година

Она што е впечатливо е што тужбата се поднесува на 5 октомври, 10 дена пред последните локални избори, кога беше извесно дека ќе се менува власта во градот по 12 години владеење на Талески.

– Нас како стопанственици не нѐ интересира политика, кој е или кој ќе дојде на власт. Општината не е ниту на Талески, ниту на сегашната градоначалничка. Општината е деловен партнер со инвеститорите, нашите пари треба законски и наменски да се трошат, во спротивно се влегува во зоната на криминалот – вели Ѓорѓијев во исчекување на вештачењето што треба да го направи Општина Битола за да покаже каде отишле парите од комуналиите што се уплатени.

„Ова е уште еден од наследените проблеми од времето на Талески што треба да го решаваме. Но, интересно е што тужбеното барање е подигнато десетина дена пред одржувањето на локалните избори, на кои очигледно беше дека ќе победи СДСМ, иако проблемот со инфраструктурата во касарната беше актуелен години наназад. Токму кога се работи на изградба на улиците во поранешната касарна и на другата инфраструктура, се актуелизира овој проблем“, велат од Општината.

По поднесувањето на тужбата, новата локална власт почнала со уредување на просторот но, како што вели Ѓорѓијев, тоа не е доволно, ни соодветно на склучените договори. Кога рускиот инвеститор Липухин реши да вложи во битолската касарна, беше кажано дека ќе гради луксузен станбено-деловен комплекс во вредност од 8,5 милиони евра. Тој во меѓувреме почина, но неговите блиски не се откажаа од изградбата на „Јуриј“, кој опфаќа вкупна површина од 35.000 м2.

Во меѓувреме, за да ја урбанизира поранешната касарна, Талески зеде кредит од 2,5 милиони евра како подзаем од Министерството за финансии, а финансирани од Светска банка. Кредитот што е подигнат во 2015 година граѓаните на Битола треба да го исплаќаат до 2030 година. Новата локална самоуправа не само што треба да ја заврши работата со урбанизација на просторот, туку да го отплаќа кредитот. Речиси 10 милиони денари треба да исплати Општината само годинава за камата.

– Почна отплатата на кредитот за изградба на улици во касарната, откако парите од комуналиите беа потрошени за инфраструктура во индустриската зона „Жабени“. За враќање на основицата треба да се платат 7.799.155 денари и плус 1.576.151 денари за камати – објави неодамна градоначалничката Наташа Петровска.

Објавено во „Слободен печат“

Прочитајте повеќе

UltiMATH финале

UltiMATH финалето започна: 350 најдобри средношколци се натпреваруваат за награда од 10.000 евра

Денес започна првиот ден од финалето на UltiMATH, најголемиот натпревар по математика за средношколци во …