Сѐ повеќе домашни миленици завршуваат на улица додека нивните сопственици се сончаат на плажа

Сѐ повеќе домашни миленици завршуваат на улица додека нивните сопственици се сончаат на плажа

Како што почнува сезоната на одмори, сè повеќе домашни миленици, кучиња и мачки завршуваат на улица. Сопствениците ги напуштаат затоа што не можат да ги земат со нив на одмор и ги оставаат нивниот живот да го продолжат талкајќи низ градот. Активистите кои деноноќно се обидуваат да ги спасат од суровоста на бездомниот начин на живот, даваат сè од себе и велат дека оваа година покрај сезонското напуштање на милениците заради одморите, уште една од причините заради која животните остануваат на улица се и поскапувањата. Иако поред Законот за заштитата и благосостојбата на животните се предвидени казни од 150 до 500 евра за напуштање домашно милениче, неодговорните сопственици остануваат неказнети.

Ќемал Незири, од прифатилиштето за кучиња Хепи Шелтер во моментов се грижи за 75 кучиња, меѓу нив има и болни за кои лекувањето е многу скапо. Откако екипата на Шорткат го посети во февруари тој мораше уште многу пати да побара помош од хуманите луѓе за да обезбеди храна и лекување за кучињата.

„Скоро 90 проценти од кучињата што деновиве се оставаат по улици се баш заради тоа што нивните сопственици сакаат безгрижно да си одат на одмор и да се сончаат на плажа. Помош постојано треба, има сѐ повеќе напуштени кучиња, а газдите кои ги напуштиле не се казнуваат. Исто така треба да се казнуваат и тие што не ги чипираат милениците. Од друга страна градот плаќа огромни суми за каснувања, наместо тие пари да се пренасочат за превенција, односно да се обезбеди кров над главата на секое куче и да се регулира прирастот на животните со кастрација и стерилизација“, изјави Незири за Мета.мк

Според него, на тој начин, кога сопствениците ќе мора да ги стерилизираат, кастрираат и чипираат милениците ќе бидат регистрирани и ќе може многу полесно да се следи како се грижат за своите миленици, па и да се казнувуваат кога тоа ќе биде потребно. Незири смета и дека работата и капацитетите на Јавното претптијатие Лајка не се доволни за да имаме град во кој нема да има бездомни животни.

„ЈП Лајка ги заловува, ги стерилизира и кастрира кучињата, но повторно ги враќа на улица. Така тие животни понатаму не добиваат редовна ветеринарна грижа од тимови ангажирани од државата. Исто така, ЈП Лајка не заловува кучиња помлади од 7 месеци со образложение дека спаѓаат во најризичната група на приемчивост кон заразните вирусни болести, а такви мали бебиња секојдневно ги наоѓаме по контејнери и разни места. Дополнително, иако со кастрацијата и стерилизацијата агресивноста се намалува, сепак има некои кои остануваат агресивни кога си ја штитат нивната територија. Животните треба да се вдомуваат и законот треба да се почитува за доброто и на животните и на луѓето. Вака, како до сега проблемот не се решава. Сега сопствениците се опоменуваат и им се враќа кучето“, рече Незири.

Со сличен став е и Маја Поповска од прифатилиштето „Енџелкетс санктуари“ која повеќе од една деценија ги спасува мачките од суровиот живот низ скопските улици и исто како Хепи Шелтер зависи од донации. Така само минатиот месец успеа да организира стерилизација за 73 мачки.

„Од градот не добиваме помош. Во секоја нормална земја има закон за миленици што се почитува. Има закон и тука ама воопшто не функционира и никој од власта не е заинтересиран за тоа. Проблемот со бездомните животни е човекот, токму заради тоа што ги напуштаат. Ги оставаат на улица и тие си се парат, ако не угинат нели, си се парат неконтролирано. Стерилизацијата е мислена именка за многумина“, рече Поповска за Мета.мк

Таа додаде дека бесконечни разговори и објаснувања води со сопствениците на мачки кои водејќи се од мислата дека мачката треба да роди и да осети мајчинство не се свесни дека од еден пар кучиња или мачки за само неколку години може да се добијат преку 10 000 потомци и си создаваат илузија дека ќе можат да се грижат за сите.

„За да се спречи ова, стерилизацијата треба да биде задолжителна кога некој сака да стане сопственик на милениче. Луѓето треба законски да се обврзат со потпишан документ кој ќе ги обврзе дека ќе мора да си ги стерилизираат мачките и кучињата, да ги чипираат и редовно да ги вакцинираат. Во случај некој да сака во иднина да си ја пари мачката или кучето, тогаш да си регистрираат одгледувачници и да си плаќаат данок за тоа“, апелира Поповска.

Според неа, уште едно можно решение за надминување на проблемот со големиот број бездомни животни, е и влијанието кое можат да го извршат ветеринарите.

„Ветеринарите не би требало да примаат животни кои не се чипирани и треба да ги стилизираат“, нагласи Поповска и додаде, ова се проблеми кои треба да имаат долгорочен план затоа што не може да се решат преку ноќ.

Мери Јордановска, новинарка и активистка за заштита на животните, апелира до сите идни сопстевници на миленици длабоко да размислат пред да се решат да чуваат животно.

„Постојано и постојано го повторувам апелот – со вдомувањето миленик не вдомувате играчка. Тоа е за цел живот член на семејството. Чипирањето, стерилизацијата и контролираното размножување (само од страна на одгледувачници) секаде во светот се поакажале како најефикасно средство за справување со проблемот. Другите решенија се брутални и сурови. Затоа, да се држиме барем до хуманите решенија, кои не чинат многу пари, а придонесуваат и за благосостојба на животните, но и за добро на луѓето“, рече Јордановска.

Во земјава, како што рече Јордановска, свесноста и одговорноста во однос на чувањето миленици е еднаква на нула, со чесни исклучоци кои знаат дека да се чува миленик е обврска, дека бара пожртвуваност, но и финансиски средства. И таа сведочи дека сè почесто, а особено во летниот период, за време на летните одмори, кога некои луѓе ќе се соочат со првата пречка (што со миленикот додека сум на одмор?), тие решаваат да го стават во кола и да го остават среде автопат или на некоја нива.

„За ова сведочат и бројните сведоштва на социјалните мрежи. И не е само тоа. Гледаме мали кутриња одвоени од мајките и фрлени на сред улица, бидејќи женката им се спарила, сведоци сме како при првата пречка во чувањето миленик, луѓето ладнокрвно се откажуваат од него, не земајќи предвид дека станува збор за живи суштества кои страдаат. И надвор од тоа, мора да сфатиме дека поради овие причини расте бројот на бездомната популација животни кај нас, а тоа влијае и на љубителите на животни (трошат пари, време, нерви за да ги згрижат), и на оние кои не ги сакаат животните (имаат страв да се движат по улица и сл)“, рече Јордановска.

Ветеринарите со кои разговараше Мета.мк, сметаат дека должност на секој од нив е на новите сопственици на миленици да им ја објасни одговорноста и предизвиците со кои ќе се соочат.

Но, нагласуваат дека за да може законот успешно да се спроведува има надлежни органи кои треба да си ја вршат работата и соодветно да казнуваат, а тоа не се ветеринарите.

Годишно во Скопје повеќе од 600 граѓани се каснати од улични кучиња. Според официјалните податоци на Министерството за внатрешни работи, во 2019 пријавени се 618 случаи, во 2020 бројот на каснати е 647. Минатата година 657 граѓани пријавиле каснување. Од почетокот на годинава до 15 април, пријава за каснување од куче доставиле 157 граѓани.

Од комуналната служба на Град Скопје, во разговор со Мета.мк, велат дека се трудат да бидат брзи и експедитивни во заловувањето на бездомните кучиња и тој број е значително поголем во споредба периодот пред 2021 година.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Бесплатен влез во музејските институции за 18 Мај, Меѓународниот ден музеите

Бесплатен влез во музејските институции за 18 Мај, Меѓународниот ден музеите

„Музеи за едукација и истражување“ е мотото под кое утре ќе се одбележи Меѓународниот ден …