сад кина

САД го соборија спорниот кинески балон кој прелетуваше над американска територија

На висока надморска височина над Атлантскиот Океан, САД го собори џиновскиот кинески балон за кој велат дека шпионирал клучни воени локации, откако балонот ја премина територијата на САД и предизвика дипломатски јаз меѓу двете земји.

Американското Министерство за одбрана потврди дека неговите борбени авиони го собориле балонот над територијалните води на САД, пренесе Би-би-си.

Претседателот на САД, Џо Бајден, планот за соборување го одобрил во четвртокот, но Пентагон соопшти дека ќе почекаат објектот да се најде над вода за да не ги изложи луѓето на ризик.

Според „Гардијан“, балонот бил соборен со една ракета истрелана од борбен авион Ф-22 Раптор, кој полетал од воздухопловна база во Вирџинија.

При операцијата за соборување, американската Федерална управа за авијација накратко ги паузирала сите цивилни летови на три аеродроми околу брегот на Јужна Каролина, а крајбрежната стража ги советувала морнарите да ја напуштат областа поради воени операции кои претставуваат значителна опасност.

Бајден се соочи со притисок да го собори кинескиот балон, откако претставниците на одбраната пред три дена објавија дека го следат.

„Успешно го симнаа и сакам да им упатам комплименти на нашите авијатичари кои го напраивја тоа“, изјави Бајден.

Кинеското Министерство за надворешни работи подоцна изрази силно незадоволство и протест против употребата на сила од САД за напад на цивилни беспилотни авиони. Кина ги обвини САД за „очигледно претерана реакција и кршење на меѓународната практика“.

„Кинеската страна повеќе пати ја информираше американската страна по верификацијата дека воздушниот брод е за цивилна употреба и влегол во САД поради виша сила, тоа беше целосно несреќен случај“, се вели во соопштението на кинеското министерство, а пренесува Би-би-си.

На снимките што ги објавија американските телевизиски мрежи може да се види како балонот паѓа во морето по мала експлозија.

 

Откривањето на балонот предизвика дипломатска криза, при што американскиот државен секретар Ентони Блинкен го откажа патувањето во Кина што требаше да се случи овој викенд.

Кинеските власти негираа дека станува збор за шпионски авион и велат дека е залутан брод  кој се користел за метеоролошки цели.

Балонот за првпат се најде на небото над САД на 28 јануари, а два дена подоцна и над Канада. „Гардијан“ пишува дека една од државите над која прелетал балонот е Монтана, која е дом на дел од американскиот арсенал на нуклеарни интерконтинентални балистички ракети.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Вонредна состојба во Мисисипи

Спасувачката операција и потрагата по жртвите од торнадото во јужните американски држави Алабама и Мисисипи, …