Самит ЕУ-Украина: Паралелни светови во Киев

Самит ЕУ-Украина: Паралелни светови во Киев

Посетата на Европската комисија на Украина е акт на балансирање. Додека во земјата беснее војна, тимот на Урсула фон дер Лајен сака да ѝ даде надеж на владата на Володимир Зеленски, без притоа да дава преголеми ветувања.

Паралелни светови во Киев – среде главниот град на Украина, каде само во јануари имаше 18 ракетни експлозии, заседава група посетители од Брисел. 15 еврокомесари и претседателката на Европската комисија преговараат на огромна овална конференциска маса.

Наспроти нив седат министрите во украинската влада. Слушаат за придобивките од добро макроекономско планирање, за можности за префрлање на обновливи извори на енергија, со фокус на водородот. Се зборува и дека ЕУ сака да испорача 35 милиони ЛЕД-светилки.

ЛЕД-светилките треба да го олеснат секојдневието

ЛЕД-светилките се поврзница со паралелниот свет на војната. Енергијата е скапоцена стока, бидејќи далноводите се систематски уништувани со месеци. Многу луѓе поминуваат многу време во темнина. Ако се успее во дистрибуирањето на штедливи светилки низ државата, тоа би бил чекор напред за луѓето. Нешто што би можело малку да им го олесни секојдневието.

„Добро е што се вратив овде“, изјави Урсула фон дер Лајен по пристигнувањето во Киев. Нејзината четврта посета на Киев е посебна: „Дојдов со мојот тим“. Овојпат уште нешто е поинаку. Се зборува помалку за испорака на оружје, помалку за зимска помош и за секојдневната борба за опстанок. „Сега ја подготвуваме иднината на Украина.“

Зеленски сака зелена обнова

Претседателката на Европската комисија е решена да ја организира обновата на Украина уште за време на војната. Луѓето треба да чувствуваат дека има време по војната, подобро време. Претседателот Володимир Зеленски е конкретен. Украина треба да стане „водечка земја во развојот на модерната, зелена енергија“.

Тоа е уште една реченица која се чини дека доаѓа од паралелен свет. Зеленски го вели тоа додека е опкружен со стотици вреќи со песок, тие се насекаде во неговата претседателска палата од безбедносни причини. Ги има и пред величествената сала, каде што зборува со „драгата Урсула“. Неговата идеја е: Ако треба да се обнови целата инфраструктура, тоа може веднаш да се направи еколошки.

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев, 2.02.2023
Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев, 2.02.2023

Балансирање на Фон дер Лајен во Киев

На оваа средба меѓу бриселската комисија и владата во Киев, постојано се судираат гневот поради Путиновата војна и непоколебливата волја за обнова. Ова е сѐ уште равенка со повеќе од една непозната. Сè уште никој не знае што ќе треба да се изгради на крајот, бидејќи натамошно уништување е неизбежно. Сите во Киев сметаат со нова руска офанзива напролет.

За Урсула фон дер Лајен посетата на Киев е акт на балансирање. Таа знае какви надежи полагаат Украинците во Европската унија. Тоа е местото за бегство од мрачното секојдневие на војната. Но, таа исто така ја гледа опасноста од тоа надежите да бидат уништени. Во Европскиот совет има многу шефови на држави или влади кои сметаат декаУкраина е сè уште далеку од членство во ЕУ.

Без обврзувачки годишни бројки

Премиерот Денис Шмихал на работите гледа поинаку. Украина би можела да ги исполни условите „за две години“, смета тој. Шефот на украинската влада и во Киев го повтори она што пред неколку недели предизвика чудење во Брисел. Шефицата на ЕК, Фон дер Лајен, избегна да се обврзе со бројки. Пристапувањето е поврзано со јасни услови и, зависно од земја до земја, трае различно долго додека не се исполнат.

Украина е кандидат за членство во ЕУ само од летото, а преговорите за влез во Унијата сѐ уште не се започнати. Само за таа цел ЕУ формулираше седум барања, кои се реакција на големата корупција во земјата. Притоа станува збор за независноста на уставните судии и начинот на нивно избирање, за јасни правила во борбата против перењето пари и, што е најважно, за закон против влијанието на олигарсите. ЕУ не сака да исчезнат во темни канали милионите евра од нејзините фондови. Една Унгарија е сосема доволна.

Прочитајте повеќе

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Меѓународната организација на трудот (МОТ), која е дел од Обединетите нации, проценува дека 2,4 од …