Сексуална злоупотреба: Милионска отштета за американски гимнастичарки

Повеќегодишната правна битка во скандалот за сексуална злоупотреба во гимнастиката во САД заврши: Стотици жртви на осудениот сексуален престапник Лери Насар се обештетени со 380 милиони долари.

Стотици жени кои биле жртви на некогашниот доктор на гимнастичарската репрезентација на САД и на Мичиген стејт универзитететот, Лери Насар, ќе добијат 380 милиони долари како оштета по спогодбата со Гимнастичката федерација на САД.

Спогодбата означува крај на петгодишната долга борба на жените кои се злоставувани и крај на еден од најголемите скандали кои го потресоа американскиот спорт.

Насар во 2018 беше осуден на над 300 години затвор поради злоставување на гимнастичарки, меѓу кои се и неколку освојувачки на олимписки медали, па и најдобрата меѓу нив Симон Бајлс.

Во финансиска смисла гледано, ова е една од највредните спогодби за случај на сексуално злоставување во Америка. Во рамки на спогодбата е одредено и дека Олимпискиот комитет на САД и американскиот Гимнастичарски сојуз на жртвите ќе им дадат места на раководечки позиции.

Лери Насар за време на судскиот процес против него во 2018 годинаЛери Насар за време на судскиот процес против него во 2018 година

„Ова поглавје конечно заврши. Сега нѐ чека тешка работа на реформи и на развој. Дали правдата ќе стигне и дали ќе се случат промени зависи од она што следи“, напиша на својот Твитер налог Рејчел Денколандер, првата жена која јавно изнесе обвинувања против Насар уште во 2016 година.

За сексуално вознемирување Насар го обвинија над 330 жени и девојки. Извештајот за истрагата од страна на Федералното биро за истраги (ФБИ) укажа на бројни грешки, одложувања и прикривања од страна на агентите од ФБИ кои на Насар му овозможија неколку дополнителни месеци да продолжи со злоставување и откако започна истрагата.

Адвокатот кој ги застапуваше жртвите рече дека оваа спогодба е историска, но и оти борбата против сите кои не успеаја во оваа истрага продолжува.

Гимнастичарскиот сојуз на САД во 2018 година прогласи банкрот кога се натрупаа обвинувања на сметка на Насар. Одлуката за спогодбата е објавена вчера на сослушувањето пред Федералниот суд за банкрот.

Покрај оваа спогодба и 380 милиони, вкупно како оштета за злоделата на Насар ќе бидат платени 880 милиони долари, бидејќи веќе во 2018 година Мичиген стејт универзитетот, каде се случувале истите работи како и во репрезентацијата, се согласи да плати 550 милиони долари.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Болсонаро се криел во унгарската амбасада во Бразилија откако му бил одземен пасошот

Поранешниот бразилски екстремно десничарски претседател Жаир Болсонаро минатиот месец поминал две ноќи во унгарската амбасада …