Селмани лобира кај амбасадорите и се кара со колегите

Селмани лобира кај амбасадорите и се кара со колегите

Претседателот на ЗНМ ја обвини „новата власт“ дека ги користи истите методи и практики во однос на медиумите. „Преку пари на граѓаните сака да ги корумпира и да ги контролира“, тврди тој. Колегите што ги оспорија неговите тези, тој ги нападна со клевети и тешки зборови.

Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Насер Селмани, деновиве води отворена војна со уредници и со новинари, откако ЗНМ јавно соопшти дека тој лобира кај странските амбасадори да се промени начинот на финансирање на изборните кампањи во медиумите. Повод за ова е кампањата за референдумот што ќе се финансира од буџетот.

Прв на удар на критиката на Селмани се најде Атанас Кировски, уредник на телевизија Телма, кој се осмели да се спротивстави на тезите на претседателот на ЗНМ. Поради тоа Селмани го обвини Кировски за „медиумски рекет“. Жестината на коментарот на Селмани предизвика вчудовиденост во јавноста.

Новата власт иста како старата?!

Коментар за ставовите на Селмани, кој, меѓу другото, се залага и за понатамошна дерегулација на интернет-порталите, објави и уредникот на „Слободен печат“, Бранко Героски. Тој, во своја колумна посочи дека не постои директна врска меѓу државните пари за медиумите и нивната зависност и подложност на политичко влијание? „Напротив, многу европски држави ги помагаат и јавните и приватните медиуми, имено со цел да ја намалат нивната зависност од политичарите, а новинарите да станат поотпорни на корупција“, напиша Героски и ги посочи примерите на Франција и на Данска.

Откако Героски јавно го праша Селмани кој форум на ЗНМ усвоил вакви ставови, со кои тој лобира кај странските амбасади, се огласи новинарот Гоце Михајловски, кој е член на Управниот одбор на ЗНМ. Михајловски на Фејсбук напиша дека Управниот одбор никогаш не усвоил такви ставови, а членови на ова тело упорно бараат Селмани да свика седница.

По ова се огласи претседателот на ЗНМ, со жесток напад врз Героски: „Главниот и одговорен уредник на ‘Слободен печат’ и на Плусинфо, Бранко Героски, се приклучи на кампањата што некои директори на национални телевизии ја водат против ЗНМ, поради нашето противење на измените на Изборниот законик, со кои на партиите им се обезбедуваат јавни пари од буџетот да водат политичка пропаганда во медиумите за време на изборни кампањи. Се потврди тезата дека заробената држава не исчезна со промената на власта. Новата власт ги користи истите методи и практики во однос на медиумите. Преку пари на граѓаните сака да ги корумпира и да ги контролира. На режимот на Груевски осум години не му успеа да ја легализира политичката пропаганда во медиумите платена со јавни пари, спакувано во рувото на владини реклами, а владата на СДСМ тоа го направи за многу пократко време, зад грбот на граѓаните, крајно злоупотребувајќи го претстојниот референдум за името“, напиша Селмани на Фејсбук.

ЗНМ се залага да остане „законот на џунглата“?

„Селмани безобразно измислува дека сум се приклучил кон некаква кампања на телевизиите за да се добиеле државни пари за референдумот. Не ми е познато дека се води таква кампања. Не ми е јасно како е можно претседателот на ЗНМ да се служи со вакви безобразни лаги. Јавно ги повикувам Атанас Кировски од Телма, Иван Мирчевски од Канал 5, Васко Ефтов од Алфа и сите други директори на телевизии да кажат дали кој било од нив разговарал со мене на оваа тема. На Насер Минхаузен мора да му се каже да престане да лаже и да верува во сопствените лаги! Тоа што човекот ги гради ставовите со странски дипломати, без да ги консултира телата и органите на ЗНМ, без да ги почитува колегите, е негов проблем, а не мој. Јас не сум активен во ЗНМ и се додека здружението е вакво, немам намера да трошам од моето скапоцено време на активности во оваа приватизирана и узурпирана организација“, возврати Героски.

По ова повторно се огласи и Кировски, кој потврди дека таква кампања за каква што зборува Селмани не постои. Претходно, директорот на Телма ги опиша состојбите во медиумите и статус квото за кое се залага ЗНМ, со колумна со наслов „Законот на џунглата“.

Останува отворено прашањето дали оваа полемика, која сега се води на Фејсбук, ќе ги поттикне новинарите да побараат за политиките за кои се залага претседателот на ЗНМ, сепак да дебатираат органите и телата на оваа организација.

Објавено во Слободен печат

Прочитајте повеќе

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Од ОБСЕ/ОДИХР велат дека гласачите имале простор за избор, но реториката станала многу негативна како …