Шеста дојава за бомба во четири средни училишта

Во СВР Скопје денеска околу 09.30 часот, е пријавено дека на електронските адреси на две средни училишта во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна направа, а подоцна околу 10 часот е пријавено дека иста пријава стасала и до уште две други училишта, информира преку соопштение Министерството за внатрешно работи.

„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на сите четири училишта. Во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопшти МВР.

Како што за Мета вели Александар Сибиновски, директорот на средното стручно училиште „Владо Тасевски“, учениците се навреме евакуирани и преземени се сите мерки.

„Нашето училиште добива дојава за бомба по четврти пат. Си имаме ред, периодов направивме неколку состаноци со учениците и секој знае од каде се излегува во случај на евакуација“, вели Сибиновски.

Инаку, од првата лажна дојава за поставена бомба пред точно две седмици, ова е шести ден скопски училишта да добиваат дојави за поставени бомби. Засега МВР не соопштува детали за истрагата. Пред една недела беше приведено едно лице, но немаше обвинение.

Првата дојава за поставена бомба се случи на 26 октомври, во осум училишта за средно образование во Скопје. Учениците и вработените беа евакуирани, а МВР вршеше истрага во училиштните објекти. Првата дојава се случи истиот ден кога во посета на земјава беше претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен. Следуваа уште дојави, а содржината во мејловите беше различна од секоја претходна.

Инаку, мноштво лажни дојави за бомби во мај годинава имаше и во Србија, кога на 16 мај во центарот на Белград беа евакуирани стотици училишта, јавни објекти и аеродромот во Ниш. Серија лажни дојави за поставени експлозиви на повеќе адреси на почетокот на јуни годинава, имаше и во Република Српска, а мета беше и Клиничкиот центар во Бања Лука, по што пациентите веднаш беа евакуирани со помош на медицинскиот персонал.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …