Таблите со информации за возниот ред на автобуските станици ги најавуваат автобусите на ЈСП кои утрово останаа паркирани во автобазите. Главниот град за прв пат во историјата откако има јавен транспорт остана без него. Синдикалците од ЈСП најавија дека ќе продолжат со протестите сè додека не им биде исплатена платата, а граѓаните кои немаа можност да патуваат со автомобили, наместо со автобуси, заминуваат од автобуските постојки со такси или пеш. При обиколката на неколку фреквентни станици низ Скопје, редакцијата на Мета.мк сретна и многумина кои разочарани затоа што не можат да си ги завршат обврските, одлучија да се вратат дома. Сепак, некои имаат среќа да дочекаат по некој приватен автобус.
На булеварот „Партизански одреди“ утрово можеше да се забележи зголемен сообраќаен метеж од возила поради несообраќањето на автобусите на ЈСП. Низ целата сообраќајница во правец од Карпош 1 кон центарот на Скопје возилата се движеа во колона. На автобуските постојки значително беше намален бројот на патници кои чекаат автобус. Сепак, можеше да се забележи дека приватните превозници сообраќаат на линиите, но нивните автобуси како и вчера беа преполни со патници. На овој булевар сообраќаат линиите 11, 12, 19 и 22 што делумно ги одржуваат приватните превозници, така што малиот број на патници кои чекаа на станиците се качија во нив.
Слична е состојбата и во другите населби во главниот град. Во Чаир патниците со кои разговараше Порталб.мк, велат дека автобус чекаат повеќе од половина час. Некои патници си заминуваат дома, а некои успеваат да дочекаат приватна 9-ка. Други се надеваат дека ќе се појави приватен автобус на линијата 19, која и така во изминатиов период е проблематична со одржувањето на редовен возен ред.
„Имам термин во Воена болница. Ако не дојде 19-ка нема да можам да одам на преглед, а немам пари за да одам со такси“, изјави една жена со која разговараше Мета.мк.
Друга жителка на Чаир, која до работното место патува со автомобил, изјави дека денеска за разлика од другите денови стасала побргу.
„Живеам на булеварот Христијан Тодоровски Карпош. Автобуската станица кај зградите, која обично е преполна, утрово беше празна без патници кои чекаат превоз. Работам во Центар, а на работа појдов со кола и за 15 минути стасав до работното место. Тоа е релативно брзо, бидејќи претходно ми било потребно повеќе време заради големиот сообраќаен метеж. Денеска метеж немаше“, рече жената.
Во населбата Кисела Вода утрово, како и секој ден имаше голем сообраќаен метеж. Долги колони возила поминаа низ улицата Христо Татарчев, но автобуската станица на која сообраќаат линиите 13, 24 и 58 остана празна. Од време на време се појавуваат студенти кои прво погледнуваат во таблата со возниот ред, но кога сфаќаат дека автобусот нема да се појави, бараат друг начин како да стасат на предавања.
Така се случи и со студентките Аина, Лорена и Карлота, кои преку програмата Еразмус од Шпанија дошле во Скопје и требаше да одат до Факултетот по медицина.
„Ние сме три па заедно ќе си платиме такси. Мора да стасаме на факултет, на Клиниката за онкологија. Ама немаше автобус, па замоливме пријатели да нѝ викнат такси“, рекоа студентките.
Анита, која исто така студира на медицина, немаше можност да плати такси.
„Ќе морам денес да ги пропуштам предавањата. Немам пари за да платам такси. Се надевам дека професорите ќе имаат разбирање, сигурно нема да отсуствувам само јас“, рече таа.
Од ЈСП велат дека денешната хаотична состојба со градскиот превоз не е законска.
„Од утринава, дваесетина луѓе од ССМ и т.н. независен синдикат на ЈСП спречуваат возачите на автобуси редовно да си ги вршат своите работни задачи, спротивно на член 35 од Законот за Јавните претпријатија со кои се уредува начинот на штрајк“, соопштија од ЈСП.
Од таму додаваат дека овие дваесетина лица немаат штрајкувачки одбор, ниту пак имаат пријавено редовен штрајк.
„Дури и во случај да го имаа редовно пријавено штрајкот, истите согласно Законот за јавни претпријатија мораат да обезбедат редовно функционирање на претпријатието додека трае штрајкот“, истакнаа од ЈСП.
Поради оваа состојба, Град Скопје најави дека ќе поднесе соодветни кривични пријави против лицата кои го попречуваат редовното функционирање на јавното претпријатие и „го држат во заложништво Скопје и скопјани“.
Град Скопје на вчерашната вонредна седница подготви одлука за пренамена на средства, со кои ќе се обезбеди исплата на последната плата за вработените во ЈСП.
Од ЈСП упатија апел до членовите на управниот одбор на ЈСП да постапат согласно нивните законски обврски затоа што во спротивно ќе бидат дел од кривичната пријава поради незаконско организирање на штрајк и попречување на работата на претпријатието.