Шукова: Трендот на мали хидроцентрали треба да престане и да се насочиме кон ветерната и соларната енергија

Шукова: Трендот на мали хидроцентрали треба да престане и да се насочиме кон ветерната и соларната енергија

„Лично сметам дека трендот на малите хидроцентрали треба да престане и да се пренасочиме кон обновливите извори на енергија. Гледаме дека фотонапонските централи стануваат сè поинтересни за инвеститорите, а јас лично сум голем поборник за искористување на ветерната енергија и градење ветерни паркови“, вели Шукова

радењето на мали хидроцентрали како енергетски објекти треба да престане, а инвеститорите повеќе да се насочат кон обновливите извори на енергија како што се ветерните паркови и фотонапонските централи. Министерката за животна средина Каја Шукова за Мета.мк вели дека државата ги почитува препораките на Бернската конвенција да не се издаваат концесии во заштитените подрачја, но законот сè уште дозволува да се градат надвор од нив.

„Лично сметам дека трендот на малите хидроцентрали треба да престане и да се пренасочиме кон обновливите извори на енергија. Гледаме дека фотонапонските централи стануваат сè поинтересни за инвеститорите, а јас лично сум голем поборник за искористување на ветерната енергија и градење ветерни паркови“, вели Шукова.

Министерката потврдува дека повеќе не се издаваат концесии за нови мали хидроцентрали за заштитените подрачја во земјата, а особено за националните паркови Шар Планина и Маврово, каде веќе беа и раскинати неколку концесии на проекти што не започнале со изградба. Сепак, и покрај тоа евидентно е дека малите хидроцентрали тука и понатаму се опасност за македонските реки, бидејќи некои договори не може да се раскинат.

„Се сретнуваме со проблем доколку треба да се стопираат процеси започнати пред неколку години. На инвеститорите постојано им се продолжуваат договорите бидејќи во нив имаат клаузули дека државата мора да ги продолжува сè додека не им обезбеди услови да ги извадат сите документи за градба. И тоа многу често ни се случува“, вели Шукова.

Таа признава дека препораките на Бернската конвенција да се раскинат концесиите за мали хидроцентрали и да не се склучуваат нови се применуваат само за заштитените подрачја и посочува дека измени на законот нема, така што заштитата на реките според меѓународната конвенција за територијата надвор од заштитените подрачја не важи.

„Законот дозволува да се почне постапка за инвестирање и точно е дека сè уште се бараат нови концесии. Мислам дека треба да направиме пресек, да видиме каде сè имаме издадено концесии и да почнеме да размислуваме да се направат измените на законите, а Владата да донесе стратегија да нема веќе мали хидроцентрали“, смета Шукова.

Две од најновите одобрени инвестиции за мали хидроцентрали се на реката Дошница на планината Кожуф. Заради нив, граѓанската иницијатива „Спас за Гевгелија“ најави голем протестен собир што ќе се одржи на 16 Септември пред туристичката населба „Смрдлива вода“.

„На последниот еколошки бисер, планината Кожуф, повторно му се заканува катастрофа. Пред шест години ја спасивме од рударската мафија, сега треба да ја спасиме од енергетската мафија. Македонските тајкуни прибавиле дозвола за изградба на две хидроелектрани на реката Дошница“, пишуваат од граѓанската иницијатива „Спас за Гевгелија“.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Владините лопати се фрлаат и на 40 степени

Владините лопати се фрлаат и на 40 степени

Топлото време и екстремно високите температури не беа пречка премиерот и повеќе владини и локлани …