Синдикатите бараат вклученост во новиот закон за работни односи

Синдикатите бараат вклученост во новиот закон за работни односи

На денешните маршеви по повод прославата на 1 мај-Ден на трудот, ССМ и КСОМ упатија повик до властите за нивно вклучување во изготувавањето на новиот закон за работни односи. Тие испорачаа и други низа барања до Владата за подобрување на правата на работниците.

Синдикатите на денешните протести по повод 1 мај-Ден на трудот повикаа да бидат вклучени во изготвувањето на новиот закон за работни односи. Претседателот на ССМ, Дарко Димовски читајќи го првомајскиот проглас истакна дека ССМ очекува да биде стожер на новиот закон во насока на негово прилагодување на европското и светското трудово законодавство.

“Евроатлантските интеграции на Работно-правното законодавство во државата не смеат да резултираат со рестрикции на работничките права. Напротив Синдикатот очекува нивно унапредување и осовременување со крајна цел обезбедување достоинството на трудот на работникот“, порача Димовски. 

Маршот под мотото „Не може да се одлучува за нас, без нас“ започна од пред зградата на синдикатот, продолжи до Собранието, а заврши кај Владата каде претставници на ССМ имаа средба и со премиерот Зоран Заев. Тие на средбата понудиле нов закон за работни односи и низа барања.

Меѓу барањата кои ги доставиле се и минимална плата од најмалку 13.800 денари, стабилен пензиски систем, да не се зголемува границата за пензионирање, зголемување на испратнините при отказ од деловни причини на 12 плати, право на регрес за годишен одмор за сите вработени.

„Први мај – Меѓународниот ден на трудот ќе го искористиме за уште еднаш да ги изразиме нашите ставови и барања во врска со работничките права за кои сметаме и тврдиме дека им припаѓаат на работниците затоа што се работи за основни и најзначајни човекови права заштитени со националниот Устав и со законите, но и со европските и меѓународните стандарди на трудот“, порача Димовски.

Протестен марш организира и Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија. Маршот започна од зградата на МРТВ и заврши пред Владата.

„Во името на сите грански синдикати при КСОМ ние синдикалните претставници бараме адекватно учество на синдикални претставници во инспекциски надзор при трудова, санитарна инспекција, управна постапка и други инспекциски служби. Воедно бараме активно учество на сите наши претставници во рамки на изготвување на предлог законот за работни односи и други предлог законски измени кои што ќе значат подобрување на правата на вработените“, порачаа од КСОМ.

Синдикатот на новинари и медиумски работници заедно со Синдикатот на дипломатската служба, Независниот академски синдикат и Синдикатот на културата денеска заедно одржаа марш под мотото „На 1 Мај каде си? За свои права, на улица си“. И Социјалниот центар „Дуња“, денеска пред Министерството за здравство протестира под мотото „Да го одбраниме јавното здравство“.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Покрај пролетниот распуст кој годинава за првпат се воведе во македонското образование, има промена и …