Сите што објавуваат слики, изјави и видеа од деца треба да размислат кои се можните последици

Сите што објавуваат слики, изјави и видеа од деца треба да размислат кои се можните последици

Деновиве неколку случаи поврзани со деца станаа главна вест. А, суровоста на онлајн јавноста, без разлика дали се работи за грашок, избор на музика или сериозен случај каде девојче е жртва на родосквернавење и трговија со деца, можеа да ја видат сите корисници на социјалните мрежи.

Разните пишани и видео содржини со деца во медиумите и на социјалните мрежи, дури и кога на многумина им изгледаат симпатични, може да предизвикаат сајбер-булинг. Во случај кога станува збор за жртви на родово базирано насилство, вклучително и семејно насилство или трговија со малолетни лица свирепоста на јавноста предизвикува стигматизација на жртвата. Станува збор за однесување кое се повторува, а чија цел е да се заплашат, разлутат или посрамат оние кон кои е насочено, а ефектите може да траат долго и да остават трајни последици.

Првата детска амбасада во светот Меѓаши апелира до јавноста за зголемување на свеста за почитување на правата на децата при објавување вести, слики, видеа и други материјали поврзани со деца.

„Медиумската писменост не се однесува само на новинарите туку на сите нас. Во тој контекст апелираме до сите што објавуваат слики, изјави и видеа на деца да размислат за пораката што сакаат да ја испратат со таа објава, како и за тоа кои се можните последици за детето, дали тоа е во негов најдобар интерес, особено ако се даваат лични податоци и ликот на детето“, нагласуваат од Меѓаши.

Исто така, според препораките на Првата детска амбасада, доколку се објавува каква и да е содржина со изјава на дете, препорачливо е ликот на детето да се замагли, да не се открива идентитетот, а во самиот пост да се каже која е целта за објавување на истото и притоа да се нагласи јасно дека постои согласност од детето и родителот или старателот дека се согласуваат истото да биде објавено. Но, воопшто пред да се објави што било за и од детето, мора самото дете да биде прашано дали може истото да се објави.

Од Меѓаши велат дека и родителите или старателите се должни да ја земат предвид неговата физичка, ментална и емоционална зрелост, пред да ја донесат конечната одлука, но навистина да го земат предвид и мислењето на детето да се почитува.

„Почитувањето на мислењето на детето дали се согласува со објава на негови слики, изјави и мислења има големо влијание врз неговото самопочитување и самодоверба. Почитувајќи го мислењето на детето даваме пример за почит кон неговата личност и кон неговото видување на нештата и дека нема да преземаме какви било чекори без консултација со детето на начин што е во согласност со развојот на способностите на детето“, наведено е во одговорот што го доби Мета.мк.

Од Меѓаши потсетуваат дека во тек се деновите на медиумска писменост и во тој контекст Советот за етика на медиумите на Македонија (СЕММ) во соработка со Првата детска амбасада во светот Меѓаши подготвија препораки за етичко известување за млади и деца кои беа дискутирани на јавната седница на Комисијата за жалби на СЕММ и беа поддржани од сите присутни.

Дел од препораките повикуваат на почитување и афирмирање на дигнитетот на младите, потоа да се известува на начин кој е ослободен од стереотипи и сензационализам, со почитување на приватноста и зачувувајќи ги честа и угледот на децата. Потоа, да се усогласи уредувачката политика на медиумите во однос на потребите и најдобрите интереси на младите, да не се користат фотографии изјави и видео записи од деца и млади без писмена согласност од родител/старател/институција-старател, да се замагли визуелниот идентитет и сликата на детето итн. Во истовреме, овие институции потсетуваат на Кодексот за известување за деца во кој исто така, се наведени принципот на согласност, принципот на почитување на правото на приватност.

Конвенцијата за правата на детето потенцира дека децата имаат човекови права и мора да бидат третирани со еднаквост, почит и достоинство, не поради тоа што тие се „иднината“ или „возрасните на утрешнината“, туку поради тоа што тие се човечки битија денес. Тие се индивидуални идентитети и имаат глас кој мора да биде чуен и мора да му се даде соодветно вреднување.

Разните пишани и видео содржини со деца во медиумите и на социјалните мрежи, дури и кога на многумина им изгледаат симпатични, може да предизвикаат сајбер-булинг. Во случај кога станува збор за жртви на разно насилство вклучително и семејно насилство или трговија со малолетни лица, често тоа е однесување кое се повторува, а чија цел е да се заплашат, разлутат или посрамат оние кон кои е насочено.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

поточиња 2024

Поточиња викендов седум пати ја наполнија Филхармонија

Новото издание на детскиот фестивал Поточиња кое се одржа викендов во Македонска Филхармонија привлече огромен …