Скопје, Приштина и Тирана на протести за заштита на девојчињата и жените: Властите да ги казнат силувачите

Скопје, Приштина и Тирана на протести за заштита на девојчињата и жените: Властите да ги казнат силувачите

„Во парк одам за да играм, а не бидам силувана“, „Насилството не се оправдува“, „За педофилите доживотен затвор“, „Не ме допирај“, „За да не ги штитите девојчињата, воспитувајте ги момчињата“, „Не ги мразиме мажи, мразиме насилство“, се само дел од натписите на транспарентите на демонстрантите на плоштадот „Скендербег“ во Скопје.

Се протестираше вчера против насилството врз девојчињата и жените, со директен повод сексуалниот напад над 11-годишно девојче од 5 мажи во Косово, пишува Порталб.мк.

Сепак, среде бел ден некој нападнал дел од организаторите, непосредно пред почетокот на протестот.

„Додека мојот пријател Беким седеше, видовме како младо момче се приближува. Тој се приближи и го нападна Беким, јас истрчав да го спасам од нападот. Но, поради мојот отпор, напаѓачот се сврте кон мене и ме удри со тупаница, јас паднав на земја. Потоа замина“, рече меѓу другото нападнатата жена .

Пријавете ги насилниците, барам од државата правдата да функционира“, порача таа.

„Дојдовме да протестираме против насилството, и половина час пред да дојдете овде, повторно се случи насилство. Тројца од иницијаторите на овој протест беа нападнати од непознати лица. Она што се случи денеска овде само ни покажува дека треба да протестираме секој ден, бидејќи овде имаме насилство секој ден. Сите ние сме потенцијални жртви. Доста веќе“, рече Анита Латифи.

Учесниците на протестот велат дека им се придружуваат на девојките и жените од Косово во нивниот апел до институциите за преземање итни мерки против одговорните криминалци и за гарантирање заштита на девојките и жените на сите јавни простори.

Насилство врз една девојка, насилство врз една жена, е насилство врз сите девојки и жени, велат учесниците.

„Апелираме да се спречат слични чинови во иднина, со подигнување на свеста на населението со официјални и неофицијални реакции“, рече Агнеса Чаволи.

На протестот се побараа и построги казни за насилниците

„Преку овој протест бараме државите да ги зајакнат мерките за заштита и безбедност за девојчињата и жените, правичен третман и построги казни за насилство, легализација и дистрибуција на солзавец за самоодбрана, регистар на педофили и почитување на меѓународните конвенции со посебен акцент на онаа од Истанбул, обука на професионалци кои работат со жртвите, зголемена свест за формите на насилство, вклучување на прашањата за родова еднаквост во образовните програми, соработка со невладините организации, медиумите и приватниот сектор за јавна свест, создавање на специјализирани служби за жртви и деца, правосудните институции да одговорат на повиците за помош“, рече, меѓу другото, Њомза Шаќири.

На протестот беа и познати музичарки и новинарки и активистки.

„Тука сум за сите девојки, за сé што историски се случува со нас, тука сум за сé што треба да се преземе овде“, рече пејачката Туна.

Новинарката и активистка Рита Бехадини порача дека случаи како тој на Косово што го испровоцира протестот, има постојано и во земјава.

„Случаите што се случија на Косово, не е дека не се случуваат и кај нас. Безбедноста на девојчињата зависи пред сé од самата држава. Мора да се освестат институциите, прво полицијата, бидејќи тие ги примаат пријавите“, рече Рита Бехадини.

На протестот имаше и мажи што изразија силни осуди за насилниците – мажи.

„И јас сум маж, но ништо не може да ме натера да силувам некого, сите тие коментари дека луѓето велат дека облеката го испровоцирала, си го барала, сето тоа се глупости од насилниците, вистинските мажи не го прават тоа, насилниците го прават. Никој нема право никого да допира“, изјави Фатос Груби.

Правилното однесување мора да се негува кај машките уште од мали нозе, беше уште една од пораките упатени на протестот.

Едуцирајте ги „мамините синови“ како да се однесуваат со девојчињата“, рече Тренделина Дехари.

Никогаш не молчете, што и да ви се случи, пријавете и потпрете се на законите, ако не функционираат, одете до крај, порача уште еден маж што протестираше.

Скопје, Приштина и Тирана на протести за заштита на девојчињата и жените: Властите да ги казнат силувачите

Со почеток точно напладне протест се одржа и на плоштадот „Захир Пајазити“ во Приштина. На протест повика Колективот за феминистичка мисла и акција.

Граѓаните фрлаа црвена боја кон зградата на Судскиот совет. Учесниците побараа казнување на осомничените за силување на малолетната девојка. Боја фрлија и кон зградата на Владата на Косово.

Протестот во Тирана, пак, започна во 18 часот на плоштадот „Мајка Тереза“

Пет лица се осомничени дека силувале 11-годишно девојче на 27 август во Приштина. Сомневањата се дека инцидентот се случил во градски парк. Жртвата потоа била испратена во засолниште. Во моментов на петте осомничени за силување на малолетното девојче, од кои тројца се малолетници, им е одреден притвор од еден месец. Станува збор за Ш.К, Г.Р., Г.Ј., Џ.С. и Е.Р

Случајот предизвика бројни реакции, како кај челниците на институциите, така и кај јавното мислење и на Косово и во регионот.

Во период од 5 години на Косово, обвинителството има поднесено повеќе од 500 обвиненија за кривични дела силување и сексуална злоупотреба.

Вакви случаи нема само во Косово и Албанија, туку и во Северна Македонија

Универзитетската професорка Линда Зибери во поддршка на протестите вели дека стравот и срамот сè уште доминираат во Северна Македонија, каде што вакви случаи се пријавуваат ретко, а тие што биле пријавени, биваат скривани од нивните семејства, судот и корумпираната полиција.

„Да не зборуваме за состојбата во која се наоѓаат нашите медиуми, каде недостигаат новинари кои знаат да пишуваат и известуваат, како и непостоечки граѓански организации, немање соодветни истражувања итн. Феминистички организации кои го креваат својот глас постојат само во Скопје, а се фокусираат главно на македонското население. Намерно или ненамерно, проблемите на Албанките не се во нивниот фокус. Истражувањата се прават на македонски јазик или на англиски јазик, а населението што зборува албански останува неистражено и неинформирано“, нагласува Зибери.

Од друга страна, од Центарот за еднакви можности „Бубамара“ (Mollëkuqja), којшто е меѓу ретките албански организации кои се занимаваат со овие прашања, велат дека насилството и силувањето на жените се присутни во секојдневниот живот и дека медиумското претставување на овие случаи покажува колку се „нормализирани“ – што е недозволиво.

„И кога тоа им се случува на деца, разбираме колку е сериозно како прашање. Иако секојдневно „Бубамара“ (Mollëkuqja) работи на подигање на свеста и информирање за овие прашања преку порталот Mollëkuqja.mk, не само кај луѓето, туку и кај институциите. Се чини дека двете страни не обрнуваат многу внимание на сечењето на корените на овие проблеми. Како и да е, треба сите да излеземе на улица и да бараме максимални казни за сторителите, бидејќи само така утре може да се спречи силување на уште една девојка“, велат од „Бубамара“.

Последен случај кој излезе во јавноста во земјава е педофилот од Теарце, кој сексуално вознемирувал и ѝ се заканувал на 12-годишно девојче од Косово, но потоа бил уапсен.

Во МВР официјално се регистрирани 294 педофили

Во Регистарот на педофили на Северна Македонија, за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетници и педофили, 281 се мажи, а 13 се жени.

Регистарот содржи податоци за лица осудени со правосилни одлука за 11 кривични дела против половата слобода и половиот морал врз деца. Тој содржи име, презиме, прекар, датум на раѓање, адреса на живеење, делото за кое се осудени, мерката. на казна, почеток, прекинување или промена на издржување на затворска казна.

Податоците на сите запишани во овој јавен регистар, без разлика дали се во затвор или се пуштени од затвор по издржување на казната, остануваат во регистарот, со цел да се спречи и заштити населението и децата. Значи, ако некое лице се запише во овој регистар, тој ќе биде таму додека е жив.

Регистар на педофили само на македонски јазик

Овој регистар, иако е многу потребен за населението, понекогаш не е достапен. Министерството за труд и социјална политика се оправдува дека страницата по ажурирањето понекогаш паѓа.

Според Министерството за внатрешни работи (МВР), вкупниот број на кривични дела против сексуалната слобода и половиот морал за 2019, 2020 и 2021 година изнесува 95, а во првите три месеци од годинава е 2.

Психолозите предупредуваат дека социјалните мрежи создале безбеден простор за педофилите, додека родителите треба да имаат постојана комуникација со своите деца за овие појави.

Јавноста во земјата доби силна порака во врска со ова прашање откако беше обелоденет скандалот со „Јавна соба“ каде се дистрибуираа порнографски материјали на девојчиња, вклучително и малолетнички.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

ДПИ: Трговците вадат нови производи за да ја „прескокнат“ одлуката за маржите

ДПИ: Трговците вадат нови производи за да ја „прескокнат“ одлуката за маржите

Маркетите за многу краток период извадија нови производи само за да ја избегнат Одлуката за …