Гордана Силјановска-Давкова ги премолчи дваесетината прашања на вмровскиот реформатор. Одговорите на тие прашања ќе го разјаснеа нејзиното политичко кредо. Но таа одлучи да молчи, барем засега. Колумна на Љупчо Поповски.
Вмровскиот реформатор, или како и да се претставува, Петар Богојески, во февруари, по изборот на Гордана Силјановска-Давкова за кандидат на партијата за претседател на државата, на професорката од Правниот факултет и постави дваесетина прашања преку кои побара таа да го презентира нејзиното политичко кредо. Прашањата се интересни, на одреден начин го детектираат моментот на постпреспанска Македонија. Не дека и други не ги поставуваат (новинари, политичари, аналитичари, обични гласачи) и не дека важат само за Силјановска-Давкова, но собрани на едно место тие на свој начин ја даваат сликата каква треба да биде иднината на државата и за каков концепт се залагаат претседателските кандидати.
Веројатно поради политички опортунитет или поради стоењето на професорско-кандидатската висина, Гордана Силјановска-Давкова преку нив помина како и да ги нема. А можеби и не ги прочитала, а тоа, сепак, не може да и се припише како некаков грев. Силјановска-Давкова во овој период пред официјално да започне кампањата беше во неуморна обиколка на македонските општини. Таа обиколка првенствено имаше една задача – општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ да се запознаат со професорката, која досега не ја знаеја партиските структури, за потоа активистите да тргнат по лов на гласови. Тоа е добра стратегија за претставување на жената која партиските членови единствено ја знаеја преку нејзините елоквентни елаборирања во телевизиските емисии за правото и функционирањето на системот. Но на членството требаше да му се претстави реалната Гордана Силјановска-Давкова, политичарката која се бори за највисоката функција во државата, а не професорката чии ставови можат да бидат само едни од повеќето.
Загревање во општинските комитети
Ако ги гледаме соопштенијата или видео-инсертите од овие партиски средби оваа стратегија има одреден успех меѓу членството. Не е особено важно дали на средбата во една општина се собрале 10, 30 или 70 луѓе, важно е дека реалната Силјановска-Давкова направи контакт со партиските структури. А без нивна помош успехот е практично невозможен. Има една забележлива нишка од оваа пред-кампања. Професорката, прилично искусна во методолошкиот пристап поради долгите години поминати на факултетот, се обиде на тие нејзини настапи да биде секогаш различна. Па, ако во еден ден посетува три општини, нејзините изјави, иако куси, се разликуваа по содржината и темата. Во некои од нив знае да поентира, во други го промашува контекстот. Во основа, тоа е некаков вид загревање за вистинската политичка битка што треба да почне на 1 април.
На овие средби за запознавање и во неколкуте интервјуа, Гордана Силјановска-Давкова речиси и да не даде одговори на прашањата на Петар Богојески. Затоа, еве објаснувања на некои од прашањата кои би можеле да го конципираат нејзиниот политички хабитус.
Богојески ја прашува: „Дали Вие подржувате членство на РСМ во НАТО или сте против, со оглед на фактот што Вашата кандидатура е поткрепена од Даскаловски и Ванковска, антиНАТО активисти?” Тоа е мошне директно и во себе го содржи новото име на државата. Силјановска-Давкова во начело е за членството во НАТО, но не на Република Северна Македонија, туку на Република Македонија. Држава со такво име веќе нема, освен во некои „џепови на отпорот”. Професорката вели дека на научно и меѓународно комисиско ниво ќе се бори да се врати старото име и дека новиот назив за неа е огромна навреда. Професорката по уставно право не соопштува врз каков устав ќе се заколне ако биде избрана за претседател – оној изменетиот што го усвои Собранието или оној што веќе не е важечки. Таа, исто така, не сака да соопшти на чија армија ќе биде врховен командант – на Република Северна Македонија или на Република Македонија. Таа не сака да соопшти дали кога Протоколот за НАТО, кога ќе биде ратификуван од сите земји членки, таа ќе се согласи земјава да влезе во алијансата како Република Северна Македонија. Кога беше во Радовиш таа изјави дека лично нема да го употребува името Северна Македонија. „Бидејќи државата сега тие ја нарекуваат Северна Македонија, ние никогаш тоа име нема да го употребиме барем јас, држете ме за збор… Ние сме наследиле име и имаме обврска вековна да го пренесеме тоа на оние кои што доаѓаат по нас”. Можеби ниедна од овие драми нема да се случи ако стане претседател, но сега е важно да се молчи и да се биде дел од патриотскиот круг за да не се загубат некои од недоверливите гласачи. А Богојески можеби забележал – професорката Ванковска како нејзин главен поддржувач ја снема од јавноста да не би кажала нешто во лутина што веднаш би се префрлило врз Силјановска-Давкова.
Целиот текст читајте го тука
Извор: DW