Издадена е наредба за распишување на централна потерница за затвореникот Б.М. (36), кој вчера при спроведување во болница поради повреда, пукал во затворски полицаец и избегал, соопштија денеска од Управата за извршување санкции. Оттаму информираат дека ќе се утврдува дали постои одговорност за организацијата на спроведувањето на осуденикот, како и за пропустите кои довеле до ваква разврска на целиот настан.
„Вчера околу 23 часот при спроведување на осуденото лице Б.М. (36) од КПУ Идризово во Ургентниот центар „Мајка Тереза“ поради повреда на десната рака, на автопатот кон Скопје кај бензиската пумпа на Лукоил, службеното возило било пресретнато од возило марка „ауди” со сива боја без регистерски таблички кое им го блокирало патот. Осуденото лице во тој момент му го одзел службениот пиштол од футрола на затворскиот полицаец И.Х. кој го возел комбето, пукал во него и го повредил во долниот дел на стомакот“, наведено е во соопштението од УИС.
Поради повредата, возачот го запрел возилото, а осуденото лице избегало во патничкото возило „ауди”. Вработените во затворската полиција го пријавиле случајот во СВР Скопје.
„Повредениот затворски полицаец е префрлен во болница на натамошно лекување, а со учесниците на настанот разговараа надлежните на МВР, се додава во соопштението.
Надлежните во Управата ќе направат вонреден надзор во КПУ Идризово и за сите утврдени неправилности ќе преземе соодветни мерки, со цел да се утврди зошто не била обезбедена полициска асистенција за спровод до болница.
Бегалецот, кој е од Тетово, бил осуден на вкупна казна од 21 година затвор, од кои 19 за убиство и 2 за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Казната ја издржува од 28.12.2020 година, а казната му истекува на 17.04.2040 година.
И во МВР потврдија дека вчера четиримина вработени во Затворска полиција кои биле со комбе „форд транзит“, побарале помош од полициски службеници на СВР Скопје, откако при спровод на осуденикот, тој го одзел пиштолот на возачот и го ранил, по што осуденикот избегал.