Соборената лидерка на Мјанмар осудена на четири години затвор од воениот режим

Аунг Сун Су Чи, добитничка на Нобеловата награда за мир и поранешна премиерка на Мјанмар која беше соборена од војската, осудена е на четири години затвор, јавуваат светските медиуми.

Су Чи беше симната од власт со воениот пуч што се случи во февруари годинава во Мјанмар. Војската тогаш ја презеде власта, уапси над 10.600 лица, додека најмалку 1.303 лица беа убиени во демонстрациите низ земјава досега, јавува Би-Би-Си.

Поранешната премиерка се соочува со серија од 11 обвиненија кои се подготвени изминативе месеци на владеење на војската, а постојните четири години затвор се пресуда само за едно од овие обвиненија. Стравувањата се дека таа би можела да биде осудена на доживотна казна затвор.

Инаку, Су Чи се стекна со Нобеловата награда за мир токму поради нејзината работа за да ја донесе демократијата во оваа азиска земја. Во Мјанмар таа веќе се наоѓаше во затвор во периодот од 1989 до 2010 година, при што и во овој период нејзин најголем противник беше војската.

Војската во Мјанмар ја презеде власта по насилен пат откако минатата година во земјата се одржаа парламентарни избори, на кои партијата на Су Чи оствари победа. Независните набљудувачи ги оценија изборите како воглавно слободни и фер. Со воениот пуч беше соборена нејзината цивилна влада, која беше формирана по издвојувањето на убедлива победа на изборите што се одржаа во 2015 година.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

По нападот во Москва: Која е ИСИС-К?

Што е познато за терористичката група која стои зад нападот во московската концертна сала? Џихадистите …