Социјалдемократот Шолц ќе биде новиот германски канцелар, до Божик Германија ќе има влада

Социјалдемократот Шолц ќе биде новиот германски канцелар, до Божик Германија ќе има влада

Трите партии на Социјалдемократите, Зелените и Либералите денеска објавија дека постигнале договор за формирање на новата германска влада, која што ќе биде изгласана во Бундестагот до Божиќ, односно во текот на наредниот месец.

Лидерот на Социјалдемократската партија на Германија, Олаф Шолц рече дека трите партии постигнале договор со којшто ќе се стави крај на владеењето на Ангела Меркел. Наследник на Меркел ќе биде токму социјалдемократот Олаф Шолц, при што трите партии ќе имаат мнозинство во Бундестагот по одржаните парламентарни избори на 26 септември годинава.

Дојче Веле сервисот на англиски јазик јавува дека партиите се договориле да го исфрлат користењето на јагленот до 2030 година, да го зголемат обемот на товарниот железнички транспорт во Германија за 25 отсто и до 2030 година Германија да има минимум 15 милиони електрични автомобили на патиштата.

Би-би-си јавува дека трите партии се договориле и 80 отсто од електричната енергија што ќе се произведува во Германија во 2030 година да биде од обновливи извори. Партиите сакаат 2 отсто од целата територија на земјата да се користат за производство на енергија од ветерот, но исто така и да се фокусираат на енергијата произведена од водород. Трите партии планираат да ја легализираат употребата на канабисот во лиценцирани простории, со контроли на квалитетот и дистрибуцијата.

Социјалдемократите, Зелените и Либералите во својот договор за коалицирање планираат и да се зголеми минималната плата на 12 евра за час, да се намали возрасната граница за гласање на изборите од 18 на 16 години, додека имигрантите во Германија би можеле да аплицираат за државјанство по пет години, но и на Германците би им се дозволило да имаат двојно државјанство.

Би-би-си пишува дека постигнатиот владин договор во Германија ќе има големо влијание и на соседните земји, земајќи го предвид фактот дека станува збор за најголемата европска економија.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Министрите од ЕУ се согласија да ги заострат санкциите кон Иран

Министрите од ЕУ се согласија да ги заострат санкциите кон Иран

На состанокот во Луксембург денеска (22 април) министрите за надворешни работи од земјите-членки на ЕУ …