Соединетите Американски Држави воведуваат санкции против Русија

Соединетите Американски Држави воведуваат санкции против Русија

Соединетите Држави (САД) денеска воведуваат нови санкции против Русија пред втората годишнина од руската инвазија на Украина, изјави за Ројтерс заменик-секретарот за финансии на САД, Воли Адејемо.

Адејемо изјави дека оваа акција ќе таргетира 500 цели, кои треба да бидат предмет на санкции.

„Акцијата, преземена во партнерство со други земји, ќе ги таргетира руските воено-индустриски комплекси и компании во трети земји кои го олеснуваат пристапот на Русија до стоките што ги сака“, рече Адејемо.

Се наведува дека Вашингтон се обидува да ја повика Русија на одговорност за војната и смртта на опозицискиот лидер Алексеј Навални.

„Утре ќе воведеме стотици санкции само овде во Соединетите Држави, но важно е да се запамети дека не е само Америка таа што презема акција“, рече Адејемо.

Споменатиот пакет ќе биде последен во серијата санкции против Москва објавени од Соединетите Држави и нејзините сојузници по руската инвазија на Украина во 2022 година, во која загинаа десетици илјади луѓе и беа уништени многу градови.

Новите санкции доаѓаат додека САД и нивните сојузници се обидуваат да го задржат притисокот врз Русија, и покрај сомнежите околу тоа дали американскиот Конгрес ќе одобри дополнителна помош за Киев.

Администрацијата на претседателот Џо Бајден ги исцрпи парите кои претходно беа одобрени за Украина, а барањето за дополнителни средства е во застој во Претставничкиот дом под контрола на републиканците.

„Санкциите и контролата на извозот имаат за цел да ја забават Русија, што им отежнува да водат војна по сопствен избор во Украина“, рече Адејемо, додавајќи дека Конгресот треба да дејствува за да и ги даде на Украина потребните ресурси.

Експертите, сепак, предупредија дека санкциите не се доволни за да се запрат нападите на Москва.

Руската економија е пет отсто помала од претходно предвиденото, нагласи главниот економист за санкции Рејчел Лингаас, на веб-страницата на Министерството за финансии на САД.

Сепак, руската економија работи над очекувањата, при што Меѓународниот монетарен фонд во јануари прогнозираше раст на БДП од 2,6 отсто за 2024 година, што е зголемување за 1,5 процентни поени во однос на октомвриската проценка.

Од друга страна, портпаролката на ММФ, Џули Козак, во четвртокот рече дека е јасно дека Русија сега е во воена економија, со воени трошоци кои го поттикнуваат производството на оружје и владини социјални трансфери кои ја поддржуваат потрошувачката и растечката инфлација.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Д-р: Филипче

Д-р: Филипче: Шансите да го поправиме изборниот резултат се добри

Јас никогаш не се откажувам. Во најтешките моменти во мојата кариера, а такви имало многу, …