Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) донел одлука за организирање на генерален штрајк во образованието и градинките кој ќе започне од 11 април, затоа што не постигнале договор со надлежните за зголемување на платите. Како што соопштија оттаму, во изминатиот период оствариле повеќе средби во Владата, но и со социјалните партнери – министерствата за образование и наука и за труд и социјална политика, за усогласување на платите со минималната плата на национално ниво.
„За жал, по однос на нашите барања нема никаков резултат. Неприфатливиот и неаргументиран однос и основ на ресорните министерства, дополнително влијае на одлучноста на членството на СОНК да истрае во легитимната борба за остварување на своите барања. Земајќи го предвид изјаснувањето на огромен процент на членството за организирање на штрајк, Советот едногласно донесе одлука за организирање и одржување на генерален штрајк, кој ќе започнал на 11 април“, стои во соопштението.
Штрајкот ќе се одвива во сите установи од дејностите детска заштита, основно и средно образование, во кои има членови на СОНК, како и во установи каде што по пат на солидарност би се приклучиле и други вработени. Штрајкот би бил класичен, а тоа значи дека вработените кои ќе бидат во штрајк, нема да вршат прием на деца во градинките, нема да изведуваат настава и други активности што се поврзани со наставата, што би значело прекин на воспитно-образовниот процес.
„Членовите на СОНК, заради немање слух на надлежните, мора да ги бараат правата кои им следуваат со закон и колективен договор, преку искажување на јавно незадоволство. Ги повикуваме своите членови да останат единствени и сплотени во борбата за заштита на своите права“, се додава во соопштението.
СОНК бара разбирање и поддршка од родителите на учениците, заради времениот прекин на воспитно-образовниот процес односно прекинот на работа на детските градинки, основните и средните училишта, како и ученичките и студенските домови.
„Убедени сме дека нашата синдикална борба за остварување на социјални права ќе вроди со плод, при што конечно вработените во овие дејности ќе бидат достојно вреднувани, а со тоа и помотивирани за извршување на своите работни обврски. Задоволни и мотивирани просветни работници, поквалитетно образование и воспитание, задоволни родители, значат просперитетно општество“, наведено е во соопштението од Синдикатот.
Извор: МЕТА