Штрајкот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) ќе се одржи утре. Членовите на синдикатот ќе штрајкуваат со неизвршување на работните задачи на работното место, односно ќе бидат сместени во простории што заеднички ќе ги договорат со директорите на установите и нема да ги извршуваат своите воспитно-образовни и згрижувачки дејности, соопшти на прес-конференција Јаким Неделков, претседател на СОНК.
„Штрајкот ќе се одвива во сите установи на национално ниво, значи во целата држава, во дејностите детска заштита, во основните и средни училишта, во ученички и студентски домови и високообразовни инситуции коишто ќе стапат или ќе се приклучат во штрајкот по пат на солидарност“, изјави Неделков.
Тој рече дека по интензивни преговори со надлежните институции и ресорните министри не добиле позитивни резултати во однос на нивните барања.
Неделков додаде дека никој нема право да ги присилува штрајкувачите да прифаќаат, згрижуваат или воспитуваат деца, додека одговорност за прифаќање на оние деца и ученици што ќе дојдат на училиште или во градинка, имаат директорите.
„СОНК нема да ги затвори училиштата и градинките, но нема да изведува воспитно-образовна и згрижувачка дејност. СОНК ќе биде во штрајк, а одговорност во однос на извршување на минимум услови за функционирање на установата има директорот. Тука е вклучително и прифаќање на евентуален број на деца кои по разни основи ќе дојдат во градинката“, истакна првиот човек на СОНК.
Овен наставата, ќе бидат откажани и наставничките совети, родителските средби, полагањата стручни испити, градски, регионални и државни натпревари на ученици.
Од СОНК истакнаа дека секој обид за пригушување, односно оневозможување на изведување на штрајкот е „многу сериозен прекршок“.
„Сакаме да им посочиме на директорите на училиштата да не си играат со штрајкувачите. Доколку некој од директорите на училиштата или надворешни лица се обидат да го спречат штрајкот, против истите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави до основните јавни обвинителства“, рече адвокатката Верица Арсова.
Неделков апелираше директорите да вработат нови работници и да ги остават штрајкувачите да штрајкуваат на своите работни места, додека од институциите побара да го одврзат ќесето.
„Апелирам до Владата што побрзо да нè повика на преговори, да најдеме заедно прифатливо решение, што поскоро да го одврзат ќесето, да ги исполнат барањата на синдикатот и што побрзо да отпочне редовната настава во детските градинки и во основните и средни училишта“, рече Неделков.
Од СОНК велат дека, во спротивно, ќе се оградат од нивниот дел од вината што учениците ќе го немаат основно загрантираното право на образование и дека единствен и најголем виновник ќе бидат надлежните.
Во меѓувреме, Министерството за образование и наука (МОН) и Министерството за труд и социјална политика (МТСП) информираа дека училиштата и градинките ќе функционираат и ќе примаат деца и ученици и утре.
Извор: МЕТА