Сопрено напредувањето на руската војска кај Бахмут

Сопрено напредувањето на руската војска кај Бахмут

Високиот број на руски жртви можеби е главната причина што Украина не се повлече од овој град, велат аналитичарите.

Врховниот командант на украинската војска, Валериј Залужни тврди дека битката за градот Бахмут, кој Русија со месеци се обидува да го освои, е „стабилизирана“. Огромните напори што ги вложуваат украинските сили ја спречија Русија да напредува кај Бахмут, пренесува Би-би-си.

Би-би-си пишува и за податоците на западни официјални лица месецов, кои проценија дека меѓу 20.000 и 30.000 руски војници биле убиени или повредени во Бахмут од почетокот на борбите за негова окупација од минатото лето.

Високиот број на руски жртви можеби е главната причина што Украина не се повлече од градот, велат аналитичарите.

На Фејсбук, генерал-полковник Залужни напиша дека иако ситуацијата на фронтот во Украина „е најтешка во правецот Бахмут… поради огромните напори на одбранбените сили, ние успеваме да ја стабилизираме ситуацијата“.

Неговите коментари се последниот позитивен сигнал од украинските власти за долгата битка за Бахмут.

Министерството за одбрана на Обединетото Кралство денеска соопшти дека рускиот напад врз Бахмут „во голема мера е закочен“, наведувајќи го „екстремното трошење“ на руските сили како причина, и додаде дека Русија најверојатно го префрлила својот оперативен фокус на југ и север од градот Бахмут.

Ваквите потези може да сугерираат севкупно враќање на одбранбени позиции на Русија, откако не успеа да постигне значителни резултати во нејзините обиди да спроведе општа офанзива од јануари.

Претходно оваа недела, Олександр Сирски, командант на украинските копнени сили рече дека руските трупи се „исцрпени“ во близина на Бахмут.

И украинскиот претседател Володимир Зеленски неодамна ја посети линијата на фронтот кај Бахмут, при што на снимката се гледа како во стар магацин им дава медали на војниците, кои ги нарекува „херои“.

Американскиот Институт за проучување на војната во четвртокот објави дека иако Украина е помалубројна од платеничката војска Вагнер, украинските сили „продолжуваат да ги исцрпуваат платениците, што ќе им овозможи на украинските сили да продолжат со неодредени идни офанзивни операции“.

Инаку, пред руската инвазија во градот Бахмут живееле околу 70.000 луѓе, но денес останаа само неколку илјади жители во ова место.

Прочитајте повеќе

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Меѓународната организација на трудот (МОТ), која е дел од Обединетите нации, проценува дека 2,4 од …