Сопругата на Претседателот, Елизабета Ѓоргиевска во посета на гостиварската компанија „Касефичио Чезарина” и со поддршка на жените претприемачи

Сопругата на Претседателот, Елизабета Ѓоргиевска во посета на гостиварската компанија „Касефичио Чезарина” и со поддршка на жените претприемачи

Сопругата на Претседателот, Елизабета Ѓоргиевска, денеска ја посети компанијата „Касефичио Чезарина”од Гостивар, која се занимава со производство на сирења и со која раководи успешната жена претприемач Гзиме Фејзи.

Во насока на нејзините заложби за поддршка на жените претприемачи и успешните бизниси, Ѓоргиевска упати честитки до раководството за амбициозните достигнувања и континуираното надградување на компанијата, што придонесува за нивната конкурентност во земјава и во странство.

Во рамки на посетата, вработените ја запознаа Ѓоргиевска со развојот на компанијата од идеја до реализација, за успешната примена на италијанското искуство во производството, како и со производниот процес и асортиман што го сочинуваат светски познати сирења, од моцарела до специјални сирења со вкус на чоколадо и кафе.

„Ме радува што женското претприемништво полека почнува да игра голема улога во Северна Македонија”,  истакна Ѓоргиевска, посочувајќи дека е потребна посилна институционална поддршка,  со цел поттик и поголем придонес за промоција на жените претприемачи.

Во разговорот беа посочени предизвиците и потешкотиите со кои се соочуваат компаниите поради пандемијата на Ковид-19, како и потребата од прилагодување на новите услови, но и неопходноста да не се напушта мотивацијата и упорноста во продолжување на успешните дејности.

„Вашата креативност, иновативност и пред се храброст да го прифатите ризикот и да го претворите во предност, говори за вашиот вистински претприемачки дух.„Касефичио Чезарина”е позитивен пример како да се искористат можностите што ги нуди нашата земја, и како со професионалност, упорност и работа се постигнуваат резултати”, порача Ѓоргиевска во разговорот со Гзиме Фејзи.

Ѓоргиевска додаде дека „Касефичио Чезарина” освен што придонесува за локалниот и домашниот економски развој, со својата конкурентност на странските пазари истовремено ја афирмира и нашата земја.

„Касефичио Чезарина”е основана во 2001 година и има добиено повеќе државни награди за успешна работа. Сопственичката на компанијата, Гзиме Фејзи, е претседател на Групација на женски претприемачи и добитник на плакета за најуспешна жена бизнисмен од нашата земја, доделена од Амбасадата на САД.

Прочитајте повеќе

Бесплатен влез во музејските институции за 18 Мај, Меѓународниот ден музеите

Бесплатен влез во музејските институции за 18 Мај, Меѓународниот ден музеите

„Музеи за едукација и истражување“ е мотото под кое утре ќе се одбележи Меѓународниот ден …