Средба Заев-Катич: Словенија ја охрабрува Македонија да продолжи напред кон евро-атлантските интеграции

Средба Заев-Катич: Словенија ја охрабрува Македонија да продолжи напред кон евро-атлантските интеграции

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев придружуван од заменик министерот за одбрана, Беким Максути и од националниот координатор на Македонија за НАТО, Стево Пендаровски, денеска се сретна со министерката за одбрана на Република Словенија, Андреја Катич, придружувана од словенечка делегација, како и од словенечкиот амбасадор во Македонија, Милан Јазбец.

Членството во НАТО и во ЕУ се значајни за стабилноста и иднината на Република Македонија, како и на целиот регион, поради што Република Словенија ја охрабрува нашата држава да продолжи напред, во важниот момент за евро-атлантските интеграции на Македонија, соопшти словенечката министерка за одбрана Катич.

На средбата е разговарано дека нашата земја има направено значителни чекори на евро-атлантскиот пат и дека сега треба да се искористи позитивната клима и поддршката што ја има Македонија од земјите членки на ЕУ и на НАТО.

Премиерот Заев оцени дека граѓаните на Република Македонија знаат што значат мудри одлуки, што ја обезбедуваат нивната иднина и иднината на нивните деца, во родната држава.

-Верувам дека референдумот ќе биде успешен. Мнозинството граѓани и политички субјекти веќе се профилираа во една коалиција за европска Македонија, а тоа ќе донесе стабилност и напредок и во нашата држава и во целиот регион, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, додаде дека по успехот на референдумот, Македонија ќе биде нормална држава, признаена од светот, со потврден македонски идентитет.

-Немаме веќе отворени прашања со ниту еден од соседите, се развиваме како едно општество за сите, каде што сите граѓани, независно од етничката припадност се со еднакви права и обврски пред законот. Работиме посветено на реформите во правосудството, во безбедносните институции, новите закони за медиумите се во Собранието. Граѓаните на Македонија ќе живеат европски и демократски како развиениот свет, рече премиерот Заев.

На средбата се разговараше и за актуелните политички прашања во Словенија, а заеднички е констатирано дека Македонија и Словенија се блиски пријателски земји и дека во тој дух продолжува развојот на билатералните односи и меѓусебната соработка.

Прочитајте повеќе

Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Покрај пролетниот распуст кој годинава за првпат се воведе во македонското образование, има промена и …