Новата анкета спроведена од Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) открива дека во Македобија постои високo ниво на  оптимизам и поддршка за членство во Европска Унија (ЕУ) и Северно-атлантската алијанса (НАТО) пред референдумот на 30 септември.

Според анкетата, поголемиот дел од македонските граѓани се за решавање на спорот за името со Грција. Вкупно 57 проценти „целосно или донекаде го поддржуваат“ предлогот Македонија да се зачлени во ЕУ и НАТО под новото име „Република Северна Македонија“.

Истиот процент (57 %) веруваат дека придобивките од членството го оправдуваат прифаќањето на новото име.

Половина од анкетираните (49 %) имаат намера да гласаат за решавање на спорот за името, споредено со 22 проценти, кои ќе гласаат против предложената промена.

„Како што Македонија се приближува кон овој важен референдум, поддршката за  компромисно решение на спорот за името кое би ги отворило вратите кон членство во ЕУ и НАТО укажува на силна наклонетост кон трансатлантските институции“, вели Пол Мекарти, в.д. регионален директор на ИРИ за Европа.

Поддршката за членство во ЕУ и НАТО продолжува да расте. Бројот на анкетираните кои го поддржуваат зачленувањето на Македонија во ЕУ порасна на 83 проценти – зголемување од шест проценти од август 2017 и зголемување од 11 проценти од март 2017. Поддршката за НАТО исто така останува силна со 77 проценти.

Анкетата исто така одразува постојан тренд на зголемен оптимизам и перцепција за националната стабилност. Триесет и седум проценти од анкетираните сметаат дека земјата се движи во вистинската насока — зголемување од 10 проценти од август 2017 и зголемување од 23 проценти од март 2017. Перцепцијата за стабилноста е исто така висока: Бројот на анкетирани кои сметаат дека Македонија е постабилна денес отколку пред една година (37 проценти) го надминува бројот на оние кои веруваат во спротивното (25 проценти) за прв пат во скоро девет години.

Анкетата е спроведена за Центарот за анкетни истражувања преку ГфК Скопје, преку директни контакти од  28 јуни до 15 јули 2018. Изработена е на примерок од 1.100 анкетирани возрасни граѓани на Македонија.

Извор: МЕТА