Почина поранешниот севернокорејски пропагандист Ким Ки-нам, објавија утринава државните медиуми. Имаше 94 години.
„Почина од старост и оштетување на органите, за што се лекуваше од 2022 година“, објави официјалната агенција КЦНА, а пренесе Би-Би-Си.
Ким Ки-нам беше водечки пропагандист на Северна Кореја со децении, служејќи му на владејачкото семејство долго време, каде што придонесе за изградбата на култот на личноста на севернокорејските диктатори.
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун присуствуваше на неговиот погреб рано утринава и му оддаде почит на „ветеранот револуционер кој остана безгранично лојален“ на режимот, пренесе КЦНА.
Јужнокорејската новинска агенција Јонхап го спореди со шефот на пропагандата на нацистичка Германија Јозеф Гебелс.
Ким Ки-нам, кој немаше крвно сродство со владејачкото семејство, беше назначен за заменик директор на Одделот за пропаганда и агитација во Пјонгјанг во 1966 година, каде што тесно соработуваше со Ким Џонг-ил, претходникот и таткото на сегашниот лидер Ким Џонг-ун. Ким Ки-нам подоцна дојде и на чело на одделот.
Ким Ки-нам во 1970-тите бил назначен за шеф на државниот весник Родонг Синмун.
Тој со децении беше и главниот автор на политичките пароли на државата и имаше големо влијание врз нејзините медиумски и издавачки активности.
Ким Ки-нам се пензионираше во доцните 2010-ти, предавајќи ја својата улога на сестрата на Ким Џонг-ун, Ким Јо-Џонг, но продолжи да се појавува на јавни настани.
Извор: РСЕ