Стаса втората пратка вакцини од Србија, вакцинираните да не се опуштаат откако ќе ја примат првата доза

Стаса втората пратка вакцини од Србија, вакцинираните да не се опуштаат откако ќе ја примат првата доза

Министерот за здравство Венко Филипче на граничниот премин „Табановце“ ја прими втората пратка од 3.510 дози вакцини на компанијата „Фајзер“ која е донација од соседна Србија. Филипче изрази благодарност на министерот за здравство на Србија, Златибор Лончар, за овој чин на солидарност.

– Денеска го исполнуваме она што го ветивме. Драго ни е да помогнеме на нашите соседи и пријатели, ние сакаме и вие да бидете безбедни. Ќе се трудиме и натаму да помагаме – изјави министерот Лончар.

Неговиот колега Филипче кажа дека овие количини ќе бидат доволни за да се вакцинираат сите здравствени работници кои работат со ковид-пациенти.

– Ние почнавме со имунизација на здравствените работници, која се одвива засега одлично. Досега се вакцинирани околу 1.300 здравствени работници и продолжуваме понатаму. Овие количини ќе бидат доволни да се вакцинираат сите здравствени работници. Голема благодарност до колегата Лончар и целата српска влада и српскиот народ за овој чин на пријателство и добрососедство – рече министерот.

Тој кажа дека според најавите, до 30.000 вакцини на „Астра Зенека“ треба да пристигнат на почетокот на месец март.

Лончар, пак, информираше дека Србија досега набавила за нејзините граѓани над две милиони дози вакцини.

– Имаме вакцини на „Фајзер“, на „Синофарм“, „Спутник“ и на „Астра Зенека“. Количините ни пристигнуваат на неделно ниво. Дел од населението ја има примено првата доза, а дел се и ревакцинирани. Она што е важно да се знае е дека кога се прима првата доза, нема опуштање. Имавме случаи кога се вакцинираа со прва доза па ги извадија маските и се заразија – рече Лончар.

Тој не кажа колку пари државата досега потрошила за набавка на вакцини, но потенцираше дека веќе не се работи за тоа дали се има пари или не, туку проблем е што вакцини нема на пазарот.

– Водиме сметка за несаканите дејства што се јавуваат по вакцинирањето. Сите несакани дејства се исти како и при било која друга вакцина – реакција на местото на убодот, болка во раката, евентуално малку покачена температура и малаксаност – рече српскиот министер.

Филипче информира дека во однос на мутациите на коронавирусот се прави анализа во МАНУ, од која резултати ќе има во текот на следната недела.

– Целта е да видиме колку од заразените се со британскиот сој. Последната анализа покажа дека околу 50 отсто го имаат британскиот сој. Во целиов процес видовме најразлични случаи, видовме луѓе кои се асимптоматски, луѓе со лесна клиничка слика, луѓе со тешка форма, луѓе со голема количина на антитела, антитела кои штитат и кои не штитат. Многу работи во врска со вирусот сè уште се непознати – додаде тој.

Првата пратка од Србија пристигна на 14 февруари, а на примопредавањето на донацијата од 4.680 вакцини присуствуваа премиерот Зоран Заев и српскиот претседателот Александар Вучиќ.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

„Гордата Гордана“ не можела да му се спротивстави на Мицкоски

„Гордата Гордана“ не можела да му се спротивстави на Мицкоски

Сиљановска-Давкова е претседателски кандидат, а за неколку дена ќе се знае дали ќе биде идниот …