Стопанска комора ѝ предлага енергетски мерки на Владата за поддршка на економијата

Стопанска комора ѝ предлага енергетски мерки на Владата за поддршка на економијата

АД ЕСМ треба да го конципира производството од термоелектраните според цената на мазутот и јагленот, односно да се насочи кон откуп на енергија од фотоволтаици, наместо на производство на поскапа електрична енергија од термоелектраните, гласи еден од предлозите.

Девет предлог мерки кои државата би требало да ги преземе, за да ја поддржи економијата во енергетска криза, испратила Стопанската комора до сите државни и јавни институции кои имаат надлежност во енергетиката. Мерките произлегле од јавната седница на Управниот одбор на Стопанската комора и на Македонската енергетска асоцијација.

Како што информираат оттаму, АД ЕСМ треба да го конципира производството од термоелектраните според цената на мазутот и јагленот, односно да се насочи кон откуп на енергија од фотоволтаици, наместо на производство на поскапа електрична енергија од термоелектраните.

„Освен тоа, државата треба да стимулира изградба на различни видови електрани од обновливи извори, односно да обезбеди дисперзија во инвестирањето на обновливи извори на енергија и планска изградба на дистрибутивната мрежа, согласно Стратегијата за развој на енергетиката до 2023“, наведено е во соопштението од Стопанска комора.

Исто така, наведено е дека складирањето на електричната енергија од обновливи извори, веќе се појавува како потреба и решение, и затоа, се предлага државата да ги поддржи инвеститорите и индустриските капацитети да инсталираат батериски системи.

„Значаен систем за складирање на вишокот електрична енергија од фотоволтаици во
иднина ќе биде хидроелектраната Чебрен, која како реверзибилна хидроелектрана ќе
ја користи електричната енергија од евтините часови за пумпање вода во горниот басен, од кој потоа би се произведувала енергија во часовите на повисока побарувачка. Од тие причини потребно е да се дореализира постапката за капиталниот проект Чебрен“, предлагаат од Стопанска комора.

Други предлози се дека компаниите треба да ја прифатат новата состојба со варијациите на цените во текот на денот и да пристапат кон набавката на електрична енергија согласно нивниот технолошки процес. Потоа, се предлага хидрогенот, како гориво на иднината и начин на конвертирање и складирање на вишокот електрична енергија, да биде имплементиран во Стратегијата за развој на енергетиката до 2030 година.

„Државата интернационално да се сертифицира за да може производителите на енергија од обновливи извори да издаваат зелени сертификати. Зелените сертификати се побарувани од стопанските субјекти кои користат значајна количина електрична енергија и на кои зелените сертификати им се значајна алатка пред странските пазари“, велат оттаму.

Стопанска комора предлага и магистралните гасоводи да се стават во функција, но притоа да се градат и дистрибутивни мрежи низ градовите.

Дописот со овие предлог-мерки што ги предлага бизнис заедницата, се адресирани до Владата, Министерството за економија, АД ЕСМ, АД МЕПСО, НЕР, Регулаторната комисија за енергетика, Министерството за животна средина, МАНУ, МЕМО и други државни субјекти.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да …