депресија

Стресот и изолацијата од ковид-19 го зголеми чувството на безволност кај младите

Нова студија на американскиот центар за контрола и превенција на болести, открива дека САД бележи значителен пораст на обидите за самоубиство, посебно кај тинејџерките. Во мај 2020 година почнал да расте бројот на адолесценти на возраст од 12 до 17 години кои се примени на одделот за итни интервенции поради обиди за самоубиство. Годинава пак, од февруари до март, просечниот број на посети на адолесценти на овој оддел пораснал за 50 отсто на неделно ниво споредено со истиот период во 2019 година.

Во С. Македонија не се правени истражувања во однос на возрасната граница и обидите за самоубиство, но психијатрите и психолозите се согласни дека има значително промени на планот на однесувањето и на емоциите кај младите. Тие следеа настава од дома па сведувањето на социјалните контакти на минимум и новиот начин на живот неретко правеше тие да се чувствуваат безволно и безнадежно. Од симптомите на кои укажуваат психијатрите присутни се тагата, депресивните мисли, променливоста во расположението. Тие апелираат родителите да го следат однесувањето на нивните деца за да може да се интервенира навреме и да се спречи продлабочување на симптомите.

Д-р Мирослав Пендаровски, универзитетски професор и психолог, смета дека воопшто не зачудува фактот дека стапката на пријавени и/или откриени суицидални обиди меѓу младите е зголемен за време на вака долга, исцрпувачка, непредвидлива и неизвесна состојба на криза предизвикана од оваа масовна фобија и стрес наречена ковид-19.

– Посебно загрижува фактот што меѓу младите луѓе тоа е најизразено, со акцент на женската популација. Причините за суицид кои тлееле долго пред пандемијата сега стануваат повидливи од фактот дека таква една неизвесна состојба е тригер за појава на она кое само чекало погоден момент, во случајов самоубиствени идеи и нагони. Тоа значи дека причини секогаш постоеле, но во вакви долги, мачни и тешки периоди на самоизолација, каде што се зголемува и онака присутната депресија кај повеќето луѓе кои имаат вакви суицидални мисли, овозможува да се откочат тие одбранбени процеси и таквите автодеструктивни сили излегуваат на површина и се манифестираат – вели Пендаровски.

Тој претпоставува дека со социјалната дистанца се зголемува чувството на осаменост и бессмисла кај многу млади луѓе кои сега само го надминале прагот на издржливоста на такви генденции.

– Интересно е што кај девојчињата е пријавен поголем случај на вакви тенденции што може да се објасни од повеќе агли. Имено, девојчињата, т.е. женската популација уште во воспитувањето има поголема поддршка за изразување на своите емоции и состојби, односно таа социјална и социо-културолошка поткрепа на женската емоционалност овозможува девојките почесто да пријавуваат емоционални проблеми. Ова особено би го поврзал со истражувања во кои се земале предвид само изјавите за самоубиствени тенденции. Се разбира, постојат и индивидуални и културолошки разлики кои може да се земат предвид, но голем дел од причините лежат во карактеристиките кои се интројектирале низ воспитниот процес, социјалните улоги кои општеството ни ги наметнува и многу други причини. Потребни се уште многу истражувања за да се откријат причините и поводите за вакви растења на овие бројки – додава тој.

Други причини лежат во фактот на себеоттуѓување како на индивидуално, така и на општествено ниво особено кај новите генерации кои, според Пендаровски, буквално од утробата на мајката седнуваат на компјутер и растат со една прифатена состојба на нормалност на социјалното изолирање, т.е. повлекување во својот свет и огромно намалување на сите видови на социјално, емоционално и физичко комуницирање.

– Виртуелноста го зема својот данок и тоа е тема која допрва ќе биде главна во сите научни кругови. Таквите состојби целосно го менуваат светот на вредностите кај младите, а со тоа се поттикнува чувството на осаменост и депресија која е главната причина во најголемиот број случаи на суицидни мисли и тенденции – завршува професорот.

Иако во нашата држава не се правени детални истражувања, сепак постои тренд на раст на бројот на луѓе кои имаат психолошки проблеми и кои бараат помош. Затоа, Клиниката за психијатрија има отворено повеќе телефонски линии, на кои за помош може да се обратат родителите на деца на предучилишна и училишна возраст (072 912 676), адолесценти (078 378 728), а за психолошка поддршка можат да се обратат и родителите на децата со посебни образовни потреби (070 291 574).

– Зголемен е бројот на невротични стравови, а најчесто пациентите се со депресивно-опсесивни симптоми. Тоа не значи дека се веднаш за на лек, туку можат да се решат и со психотерапија. Има од сите возрасти. Имаме и едукации за родители што се обраќаат до нас, бараат совет како да се справат во семејството со своите деца. Тие програми ги организиравме со Министерството за здравство и со УНИЦЕФ – вели Стојан Бајрактаров, директорот на Клиниката за психијатрија.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Покрај пролетниот распуст кој годинава за првпат се воведе во македонското образование, има промена и …