„Taste Krusevo“, фестивал на храна и култура кој ја збогатува туристичката понуда на Крушево

„Taste Krusevo“, фестивал на храна и култура кој ја збогатува туристичката понуда на Крушево

Пишува: Сотир Габелоски

Крушево е многу повеќе од дестинација за параглајдерство и авантура, а фестивалот на храна и култура „Taste Krusevo“, кој ќе се одржи од 27 до 29 септември, е показател дека туристичкиот потенцијал на Крушево допрва треба да се развива.

Минатата 2018 година, СОУ „Наум Наумовски – Борче“ организираше еднодневен фестивал на храна сo учесници од неколку државни училишта, универзитети и приватни субјекти, на кој беа претставени многу гастрономски специјалитети, но во прв план крушевската кујна. Оваа година фестивалот се ребрендира и проширува, а организаторите очекуваат да стане традиција.

На 27 септември започнува тридневниот „Taste Krusevo – Фестивал на хран и култура“, во чии рамки ќе има гастрономски натпревар, дегустација на крушевски специјалитети и посета на културни знаменитости. Организаторот очекува учесници не само од нашата држава, туку и соседните земји како и Унгарија.

Покрај СОУ „Наум Наумовски – Борче“, оваа година како организатори и поддржувачи се јавуваат и Општина Крушево, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Центарот за средно стручно образование, потоа When in Krusevo, Локален младински совет Крушево и „Викенд во Крушево“, како и неколку индивидуалци и млади ентузијасти од градот.

Токму овој тип на фестивал е она што треба да ја надополни туристичакта понуда на Крушево. Неретко слушаме комплименти за храната која се консумира во локалните ресторани, пицерии и хотели, а самото средно училиште е препознатливо по „производството“ на кадри од областа на угостителството. Ако го имаме во предвид развојот на Крушево во авантуристичка и целогодишна дестинација, кој е во напредна фаза, Фестивалот на храна и култура – „Taste Krusevo“ ја надополнува, пред се’, целогодишната програма и понуда на градот, но и овозможува преку натпревар и пред стотици гости да ја промовира храната и да ја раздвижи локалната економија.

Директорката на училиштето-организатор, Снежана Миленковска вели дека е жално  што за крушевчани се мисли дека немаат идеи и дека им недостига креативност.

„Жално е еден град како Крушево кој има толку многу да понуди, да го перцепираат само преку неколку настани и неколку културно – историски споменици. И, навистина не е фер нашите сограѓани да мислат дека овде, во Крушево, ние крушевчани само се досадуваме, дека немаме идеи и дека единственото што можеме да го понудиме се неколкуте настани и знаменитости. Затоа, „Taste Krushevo“ треба да покаже колку ние имаме оригинални идеи, амбиции и најмногу од се’ – сопствен стил“, вели директорката на СОУ „Наум Наумовски Борче“.

Првото издание на „Taste Krusevo – Фестивал на храна и култура“, во суштина беше настан или проект инициран и имплементиран од ентузијасти, чија желба е Крушево да се раздвижи, да живее надвор од летото и да го претстави во најдобро светло.

„Бидејќи готвењето и убавата храна ми се пасија, „Taste Krushevo“ го доживувам со многу љубов и емоции. Емотивен сум, затоа што сакам да прерасне во врвен фестивал на храната и културата, кој ќе биде препознатлив не само кај нас, туку и пошироко од границите на државата. Во успешноста на фестивалот силно веруввам, бидејќи позади него стојат млади и стари ‘амбасадори’, кои силно го сакаат Крушево. Овој настан покажува дека Крушево сѐ повеќе и повеќе го добива оној културен сјај кој го заслужува“, смета Димитар Ангелкоски од здружението Аутдор Манифест – организатор на фестивалот When in Krusevo.

Членовите на Локалниот младински совет, потоа неформалната група која работи на туристичка промоција на Крушево „Викенд во Крушево“ и индивидуалците како Димитар Ангелкоски, Теано Кардула и други, се само дел од плејадата на субјекти кои го поддржуваат настанот.

Уникатно подготвената храна и културата, се дополнителен потенцијал на Крушево и, веројатно, Фестивалот на храна и култура – Taste Krusevo е настанот на кој овие туристички гранки ќе бидат истакнати, со намера тој да прерасне во традиција.

Прочитајте повеќе

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

По повеќемесечни одлагања, и Сенатот на САД го одобри пакетот помош за Украина од 61 …