Тетовскиот совет гласаше за субвенционирање на ЈКП со 25 милиони денари, опозицијата ја напушти седницата

Тетовскиот совет гласаше за субвенционирање на ЈКП со 25 милиони денари, опозицијата ја напушти седницата

Мнозинството на Советот на општина Тетово на вонредна седница го субвенционираше Јавното комунално претпријатие (ЈКП) „Тетово“ со 25 милиони денари за да им исплати средства на работниците ангажирани со договор на дело кои цели четири месеци не земале плата. Опозициските советници ја напуштија седницата непосредно пред гласањето. Од вкупно 440 вработени, ЈКП има околу 200 вработени со договор на дело. Според надлежните, ова е привремено решение, додека пак по нова година ќе бидат основани две нови претпријатија. Опозицијата обвини за перење на пари, пишува Порталб.мк.

Советот на општина Тетово свика вонредна седница за субвенционирање на Јавното комунално претпријатие „Тетово“ за исплата на заостанатите четири плати на работниците.

Јавното комунално претпријатие „Тетово“ веќе подолг период се соочува со проблеми со ликвидноста што го оневозможува исполнувањето на нејзините обврски. Истото претпријатие веќе подолго време функционира со блокирана сметка, а работи врз основа на решението на Основниот суд Тетово за функционирање со минимум потребни средства, поради потребата за одржување на потребите на градот.

Како што објаснуваат, неликвидноста на претпријатието е поради: долгот од 9,5 милиони евра што граѓаните го имаат кон претпријатието поради неплаќање на сметките, појава која станува сè почеста; растот на цената на горивата и сервисирањето; зголемувањето на цената на електричната енергија; зголемувањето на минималната плата на вработените во претпријатието.

Затоа, ова претпријатие побара 35 милиони денари субвенции од општина Тетово за покривање на платите на работниците за последните три месеци и за други неотуѓиви обврски.

Според изјавите на одговорните лица на ова претпријатие на денешната седница, Јавното комунално претпријатие „Тетово“ има 440 вработени од кои 200 се ангажирани со договор на дело, а околу 80 отсто на хонорарците се ангажирани во оперативниот дел, односно за комунална хигиена.

На расправата која траеше неколку часа советниците поставија прашања околу оваа точка.

Градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами, рече дека ова е краткорочно решение, а долгорочно решение може да се очекува по Нова година, кога ова претпријатие ќе се подели на два дела и кога ќе се добијат две нови претпријатија: едното за општинска хигиена, и другото за водовод и канализација.

Касами рече дека ваквата состојба на претпријатието е како последица на претходното раководство, оставајќи го со неисплатени обврски. Тој нагласи дека немале можност да ги систематизираат сите 200 работници.

Љуљзим Шаќири од ЈКП објасни дека оваа помош е привремена, што значи дека е помош за лицата ангажирани со договор на дело за месец август-декември.

Запрашан како претпријатието дошло до една ваква состојба, тој рече дека граѓаните не плаќаат бидејќи претпријатието нема капацитет редовно да ги наплатува и сервисира фактурите. Тој нагласи дека во моментов имаат редовна месечна наплата од околу 25 отсто, а на годишно ниво таа изнесува 50 отсто.

Но, горенаведените причини не беа убедливи за опозициските советници од ДУИ, СДСМ, ДПА и Алтернатива, кои ја напуштија салата и побараа дополнителна документација и дополнителни објаснувања.

Лиридон Диша од ДУИ изјави дека немало потреба да се свика вонредна седница бидејќи за истото прашање можело да се расправа и на редовна седница.

„Причините што ги наведоа не држат вода, имаме наши сомнежи за тоа што се дискутираше на оваа седница. Побаравме да се даде детален извештај за средствата кои ЈКП ги бара од општината за платите на работниците. Ние не сме против ова, но бараме детален финансиски извештај од ЈКП и бараме список на вработените што го направиле по нивното доаѓање во Општина Тетово и список на вработените со договори на дело и за минатите години. За нас како опозициски фронт важно е сите вработени во ЈКП да бидат исто платени и да не се собираат средства само за ангажираните работници со договор на дело. Ние го осудуваме овој чин и затоа ја напуштивме средбата, бидејќи по бројни обиди за да се обезбеди потребната документација околу причините за кои се бара оваа сума, не наидовме на разбирање. Откако не ги добивме бараните документи, ние ја напуштивме седницата. Имаме индиции дека не се работи за плати за работниците туку за перење пари“, изјави Диша.

Глигорије Стојановски од СДСМ рече дека како опозиција дале неколку предлози кои сметаат дека ќе бидат прифатени од мнозинството на советот.

„Не сакаме да бидеме дел од она што се случува во советот на општината, затоа ја напуштивме седницата“, рече Стојановски.

Советниците од опозицијата рекоа дека ќе се вратат на седница само доколку претседателот на советот во рок од еден час ги донесе бараните документи. Но, тоа не се случи, бидејќи неколку минути откако опозицијата ја напушти салата, мнозинството во салата гласаше за точката за субвенционирање на ЈКП, но не за бараната сума од 35 милиони, туку за 25 милиони денари.

Претседателот на Советот на општината, Бесар Дурмиши, рече дека ќе го овластат секторот за финансии да изврши проверка или да побара од претпријатието да поднесе список на сите оние лица кои се ангажирани и извршуваат работи во ова претпријатие, за потоа да може да продолжи процесот на плаќање или отплата на долгови кон претпријатието.

„Одлуката е за 25 милиони денари, но во зависност од тоа колку финансии ќе има општина Тетово може да биде и помалку“, рече Дурмиши.

На прашањето од Порталб.мк како сето ова ќе се одрази врз долгот на општината, Дурмиши рече дека сè додека Советот е основачки орган на претпријатието и сè додека функционираат како бином, долгот ќе биде истиот. Тој исто така додаде дека една негова плата, една плата на градоначалникот на општината и директорот на ЈКП ќе се даде за субвенционирање на претпријатието.

Според изјавата на градоначалникот на општината дадена на 3 ноември актуелниот долг на ЈКП „Тетово“ изнесува 10.116.800 евра или 425.000 повеќе од истиот период минатата година кога изнесуваше 9.691.570 евра. За ова претпријатие предизвик останува менаџирањето на отпадот и чистотата на градот, како и новата водоводна мрежа која постојано има дефекти.

Потсетуваме дека од Mинистерството за информатичко општество и администрација (МИОА) во месец август соопштија дека не го прифатиле барањето на општинското јавно претпријатие „Тетово“ за зголемување на бројот на вработенитеСпоред ова министерство, ЈКП предвидуваше поголем број на систематизирани работни места од законски дозволениот минимум, и поради ова и не беше прифатено нивното барање.

Инаку, на седницата на општинскиот совет одржана на 28 септември, Советот му донираше три милиони денари на претпријатието за јавен транспорт за покривање на трошоците. До сега само ЈП „Градски паркинзи” има стабилна финансиска состојба, и во првите шест месеци од годината пријави 100.000 евра добивка, но неговиот долг останува 187.568 eвра.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Филипче

Филипче одговори што ќе му е политика (ВИДЕО)

Д-р Венко Филипче во кратко видео објавено на неговата Фејсбук страница вели дека секогаш ќе …