Министерот за финансии на Владата на Република Северна Македонија, Драган Тевдовски денеска пред граѓаните на Битола, во рамки на трибината со нив „Фер општество – Шанса за сите“ ги образложи главните економски политики коишто ги реализира Владата.
Посочувајќи дека невработеноста во Република Северна Македонија сега е најниско ниво и дека од Буџетот се издвојуваат значително повеќе средства за активните мерки за вработување, како и за поддршка на фирмите, посочи дека во последните две години бројот на вработени е зголемен за 28.338 лица.
„Невработеноста во Македонија е на најниско ниво, или 20,8% во 2018 година. Последните две години бројот на вработени е зголемен за 28.338 лица. Само во општина Битола, согласно евиденцијата на АВРМ, отворени се 3000 нови работни места. Годинава во Буџетот се предвидени рекордни средства за активни мерки за вработување. Издвоени се 1,1 милијарда денари, што е за 10% повеќе во однос на годинава. Доколку, пак, се направи споредба со 2016 година, оваа сума e за двапати повисока, или речиси за трипати повисока во споредба со 2014 година“, рече министерот Тевдовски.
Тој посочи дека годинава е буџетирана највисока буџетска поддршка на фирмите досега. Станува збор за речиси 3 милијарди денари, или 40% повеќе во однос на ребалансот за 2018 година. Министерот Тевдовски на граѓанската трибина во Битола истакна дека и преку други мерки и постапки Владата ги поддржува фирмите, што пак придонесува за поттикнување на инвестициите и отворање на нови работни места.
„Во 2018 година реализиран е поврат на ДДВ 375,6 милиони евра, или за 19% повеќе во однос на претходната година. Повратот се одвива брзо и неселективно, што влијае на нормално функционирање на фирмите, но и поттикнување на нивнатата инвестициска активност“, рече министерот Тевдовски и дополни дека се преземаат и бројни мерки за подобрување на бизнис климата што се гледа преку најмногу спроведени препораки на ЕУ програмата за економски реформи од земјите во регионот, како и подобрување на рангот на Doing business на 10 место во светот.
Министерот за финансии Тевдовски на денешната трибина во Битола рече дека очекува НАТО да ги поттикне инвестициите и економскиот раст, а тоа ќе влијае и на намалување на невработеноста во земјава.
„НАТО членството ги охрабрува странските, но и домашните инвестиции. Зголемената стабилност, ја прави земјата поатрактивна за инвеститорите. Пример се нашите соседи Албанија и Бугарија, каде странските инвестиции неколкукратно пораснаа по влезот во НАТО, но и другите членки. Новите инвестиции значат поголем економски раст, поголем извоз и отворање на нови работни места. Искуството на земјите кои станаа членки на НАТО во 2004 покажува дека во просек невработеноста е двојно намалена – ако се споредува период пет години пред и по членството“, заклучи министерот Тевдовски.