Twitter to X

Твитер се ребрендира во „Х“ – претставено новото лого на платформата

Откако изјави дека сака да се ослободи од логото со сината птица, сопственикот на Твитер, Илон Маск, објави слика од новото лого на платформата – бел знак „Х“ на црна заднина.

Маск ја промени и својата профилна фотографија во новото лого, додавајќи „X.com“ во неговата биографија на Твитер. Извршната директорка на компанијата, Линда Јакарино, напиша „Х е тука! Ајде да го направиме ова“, пренесе Би-би-си.

 

„Врџ“ објави дека доколку се внесе адресата „www.x.com“ на интернет-прелистувач, страницата ве пренасочува кон Твитер.

Маск претходно го смени и името на компанијата Твитер во „Х Корп“. По преземањето на компанијата минатата година, тој рече дека сака да ја претвори Твитер во „Х“ – апликација за сè.

Препознатливата сина птица од логото на Твитер, наречена Лари, заминува во историјата. Коосновачот на платформата, Биз Стоун, во 2011 година рече дека името Лари претставува почит кон кошаркарската ѕвезда и легенда на Бостон Селтикс, Лари Берд.

Инаку, во април, Твитер привремено го смени своето лого во слика со кучето Шиба Ину на криптовалутата Dogecoin, што поттикна пораст на вредноста на дигиталната валута.

Маск подоцна беше обвинет за инсајдерско тргување од група инвеститори на Dogecoin, кои тврдеа дека милијардерот профитирал од зголемувањето на вредноста на валутата.

Компанијата беше критикувана од корисниците и огласувачите кога Маск претходно месецов објави дека ќе бидат воведени ограничувања за тоа колку твитови дневно може да прочитаат корисниците на Твитер.

Ваквите ограничувања помогнаа во растот на ривалската услуга „Тредс“ во сопственост на „Мета“, која само пет дена по лансирањето собра 100 милиони корисници.

Минатата недела против Твитер беше поднесена тужба во која се тврди дека компанијата им должи најмалку 500 милиони долари за компензација на поранешните вработени. Откако Маск го купи Твитер во октомври минатата година, отпушти повеќе од половина од работната сила на компанијата.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

deepfake

Deepfake – лажни видеа направени со вештачка интелигенција за кои треба да бидеме загрижени

Мислите дека го гледате претседателот на Украина Володимир Зеленски како зборува и им кажува на …