тротинети скопје

Украдени и оштетени се новонабавените електрични тротинети во Скопје

Големи дебати и недоумици во јавноста, особено поради недоволниот број информации деновиве се шират меѓу граѓаните на Скопје, а откако станаа забележливи новите сини тротинети кои можат да се забележат оставени на тротоарите, на зелени површини, покрај огради итн. На социјалните мрежи наголемо се дискутира дека во земјава нема доволно развиена свест за проекти од ваков вид, дотолку повеќе што веќе се споделуваат фотографии од оштетени, па дури и фрлени и украдени електрични тротинети.

Украдени и оштетени се новонабавените електрични тротинети во Скопје
Фото: Принтскрин, Твитер

Дилемите околу изнајмувањето електрични тротинети дополнително се зголемуваат поради тоа што низ градот е забележливо дека нив се возат и по две лица, но и голем број малолетници.

Во дел од медиумите беше објавено дека компанијата за изнајмување на електрични тротинети од Турција, Бин Бин од 19 мај се појавила и на македонскиот пазар, односно на скопјани на располагање им се 500 електрични тротинети паркирани на повеќе локации низ градот, од Ѓорче Петров до Ново Лисиче.

Електричниот тротинет може да се пребара на мобилната апликација Bin Bin, каде што се дадени повеќе слободни тротинети во близина. По превезувањето до посакуваната дестинација, тротинетот може да се остави каде било, да се фотографира, а потоа истиот ќе биде пронајден од компанијата преку ГПС-системот.

Плаќањето исто така се врши преку апликацијата, па цената за изнајмување тротинет е 9 денари минута, но доколку преку апликацијата ставите средства од 300 денари, добивате плус 45 денари гратис, а доколку ставите 500 денари, добивате плус 100 денари гратис. Така, цената произлегува дека е околу 7,3 денари за минута возење.

Висар Дурак, менаџер на Бин Бин во Македонија, во разговор за Мета.мк вели дека навистина се случиле кражби и оштетување на електричните тротинети, но дека се надева оти ќе се развие свеста и одговорноста кај граѓаните.

електрични тротинети
Фото: Мета.мк

„Пријавена е кражбата на тротинет што се случи вчера, направен е записник во полиција и ќе бидат преземени мерки. Дополнително како докази ги имаме и фотографиите направени од граѓаните додека се случувала кражбата. Денеска имаме уште една кражба, сега и таа ќе биде пријавена. Точно е дека за жал има одредени намерни или ненамерни оштетувања на електричните тротинети. Мора да сфатиме дека треба да се однесуваме одговорно, бидејќи ова е за доброто на сите. Бин Бин претставува алтернативна метода за да се стигне до одредено место и се користи во многу држави во светот“, објаснува Дурак.

Малолетни лица не треба да ги користат тротинетите, но има злоупотреби

Петте конкретни чекори за изнајмување и користење на електричните тротинети Бин Бин во Скопје се следните:

1. Се симнува мобилна апликација на телефон;
2. Се ставаат пари на неа;
3. Се отвора мапата на самата апликација која покажува каде најблиску има слободен тротинет на располагање;
4. Тротинетот се вклучува преку апликацијата и може да се вози во рамки на дозволените граници кои се означени на мапата која ја дава апликацијата, а го опфаќа речиси целото градско подрачје на Скопје;
5. На крајот од возењето се остава тротинетот и корисникот се исклучува од апликацијата која го наплаќа за возењето. Тротинетот се фотографира и фотографијата се поставува на апликацијата.

Мета.мк ја инсталираше апликацијата, каде што ни беше побарано име и презиме, број на телефон, електронска пошта, број на банкарска картичка и локација. Во близина на локацијата, ни беа дадени неколку тротинети кои во моментов се достапни, со дополнителни информации за тоа со колку проценти батерија располагаат и колку време можат да се возат.

Украдени и оштетени се новонабавените електрични тротинети во Скопје

Во упатството за користење, наведено e дека тротинетот не треба да го возат две лица, дека е препорачливо да се користи кацига, дека не треба да се вози на места каде што дозволената брзина е 50 километри на час и дека тротинетот не треба да се паркира на автобуски постојки или тротоари, нешто, што според она што може да се забележи на терен кај нас, не е така. Според она што можевме да го посведочиме во последниве денови, а беше споделувано и на социјалните мрежи, граѓаните ги оставаат овие тротинети и на тротоари и на улици и на други прометни места кои можат да го попречат движењето на велосипедите, пешаците и на други лица кои користат електричен тротинет.

Иако самата апликација не дозволува регистрација доколку внесете датум на раѓање со кој ќе се потврди дека лицето е малолетно, граѓаните очигледно внесуваат погрешни податоци, па оттаму има и деца кои ги користат тротинетите.

„За да ги користат малолетни деца, значи дека внеле погрешен датум на раѓање и дека родителот им дал банкарска картичка. Затоа, апелираме на одговорност од сите граѓани и преку медиумите да се покрене свеста, дека само од нас зависи како ќе се поставиме спрема нешто што ни е ставено на располагање за добри цели“, вели Дурак за Мета.мк и додава дека во случај апликацијата да јави некаква грешка, парите на корисникот му се враќаат.

Тој додава дека добиле поддршка од Градот Скопје за спроведување на овој проект, а компанијата под закуп зела паркинзи од градот за негова имплементација.

Освен кај нас и во Турција, Бин Бин, како што велат од компанијата, се проширил наводно и во 6 други држави, меѓу кои и во Хрватска, Бугарија и Босна и Херцеговина.

Украдени и оштетени се новонабавените електрични тротинети во Скопје
Фото: Принтскрин, официјална веб-страница на Бин Бин

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Знаме Македонија

Од прослави за знамето до тензии и обвинувања за дестабилизација

Прославите за албанското знаме низ Северна Македонија предизвикаа инциденти и сквернавење на македонското знаме, што …