Универзитетските собранија и „Студентски отпор“ со заеднички марш на Меѓународниот ден на студентите

По објавата на два паралелни марша што за утре ги најавија формалните студентски претставници од универзитетските студентски собранија и движењето „Студентски отпор“, двете страни вчеравечер соопштија дека сепак протестот ќе го одржат заедно по повод 17 ноември, Меѓународниот ден на студентите.

„Оваа борба е заедничка и само сплотени заедно ќе успееме да ги заштитиме нашите права и барања“, се вели во објавите на универзитетските собранија и движењето „Студентски отпор“.

Протестот ќе започне во 17 часот и 30 минути пред Владата на Република Северна Македонија од каде студентите ќе се упатат кон зградата на Министерството за образование и наука (МОН).

Студентите ќе побараат издвојување на средства од буџетот за подобри услови во студентските домови, изземање на студентите од антикризните мерки, целосно спроведување на законот за студентски оброк и зголемување на сумата, изедначување на стипендиите, подигнување на квалитетот и дигитализација на образованието.

Студентите ги повикаа и нивните професори, декани, ректори, како и средношколците да им се приклучат на маршот.

Претходно, движењето „Студентски отпор“ најави протестен марш кој требаше да почне во 17 часот пред зградата на МОН и да продолжи кон Собранието, додека универзитетските собранија повикаа на мирен марш што ќе започне во 18 часот и ќе се движи во обратен правец – од Собранието кон МОН.

Најавениот марш следува по бурата реакции што изминатиов период ги предизвика предлог-законот за субвенциониран оброк, кој предвидуваше построги критериуми за студентите и кој подоцна беше повлечен. Додека дел од студентите во понеделникот беа на средба во Собранието со пратениците, министерот за образование Јетон Шаќири и премиерот Димитар Ковачевски,  други протестираа пред законодавниот дом искажувајќи го незадоволството од моменталната ситуација во која се наоѓаат студентите во земјава.

Прочитајте повеќе

полиција

Двајца приведени за убиството на лекарот во Железара

Две лица се приведени во врска со убиството на лекарот во скопската населба Железара, изјави …